Комисијата бара мерките за јавниот сектор да стапат во сила 10 дена од донесувањето на одлуката на владина седница, а задолжителната вакцинација за здравствените работници да стапи во сила по 30 дена. Покрај рестрикциите, Комисијата за заразни болести бара инспекторатите и МВР да го ажурираат системот за контрола и да се користат електронските алатки, односно апликациите за верификација на сертификатите со цел да се спречи користењето фалсификати
Вработените треба да прикажат или потврда за прележан ковид не постар од 45 дена, или пак потврда од лекар специјалист дека вакцината не можат да ја примат а тоа се оние ретки имунолошки состојби.
Препорачуваме во овие мерки да се приклучат и приватните компании. Веќе имаме на некој начин потврда, очекуваме дека ќе може да се приклучат, со оглед на тоа што од Сојузот на стопански комори стигна едно писмо со слични барања, а се со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата, изјави денеска Филипче по состанокот на Комисијата.
Министерот напомена дека предлог е овие мерки да стапат на сила десет дена откако ќе ги усвои Владата за граѓаните да имаат временски период да се вакцинираат, а период од 30 дена да дадат на оние 20 до 30 проценти здравствени работници, кои во овој момент се уште не се уште вакцинирани. Тој смета дека ова е една мерка со која значајно ќе се зголеми опфатот со вакцинација.
Во однос на мерката за задолжително вакцинирање на сите здравствени работници, Филипче рече дека верува оти ќе има добар одзив, и сите здравствени работници ќе се вакцинираат.
Јас верувам дека ќе има добар одзив и ќе прифатат да се вакцинираат сите. Во однос на ПЦР тест, тој треба да се прави еднаш неделно, и на тој начин се осигуруваме дека тие што не се вакцинирани се безбедни за околината во која што работат, рече Филипче
Извор: biznisvesti.mk