Доколку се усвои предлог законот за силни алкохолни пијалоци во БиХ, сите што произведуваат ракија ќе треба да ја ограничат количината на произведениот пијалок на 50 литри, а во спротивно како физичко лице, ќе се наметне парична казна од 500 до 1500 КМ (од 250 евра до 770 евра).
Во прелиминарниот предлог на Законот е предвидено дека сите оние кои произведуваат повеќе од 20 литри чист алкохол, односно 50 литри силен алкохол, задолжително да ја пријават својата дејност.
„Производителот се запишува во Регистерот доколку ги исполнува условите од аспект на капацитети, простории, опрема и уреди, како и од аспект на стручен кадар“, пишува во прелиминарниот нацрт, според кој оние кои произведуваат помалку од педесет литри се ослободени од овие услови.
Казни меѓу другото се предвидени и за оние кои користат етил алкохол кој не е од земјоделско потекло, не произведуваат силни алкохолни пијалоци на пропишан начин, произведуваат поголеми количини алкохол, а не се регистрирани.
Овој документ ги дефинира и другите сегменти на производство на силни алкохолни пијалоци, како што се етикетирање, пакување и методи на селекција на суровини.
Доколку биде усвоен, производителите ќе имаат рок од една година да го усогласат производството со законските одредби.