Цените на одредени производи во последните месеци се зголемија и за 50 насто. Поскапување на цените се забележува секојдневно и на основните производи како брашното, шеќерот, солта кои се зголемени и за 20 насто споредено со претходната година. Економските експерти апелираат властите да преземат мерки за ублажување на ударот кои го чувствуваат граѓаните. Наместо замрзнување на цените, да се намали ДДВ-то на прехранбените производи од 18 на 5 проценти и да се субвенционираат компаниите кои поради зголемените енергенси, ги качуваат цените на производите.
„Реално имаме преголемо покачување. Одредени производи имаат зголемување и до 50 проценти. Како прво, треба да има намалување на ставката на ДДВ кај прехранбените производи на 5 проценти од 18 кај граѓаните како привремена мерка, но исто да важи и за компаниите, треба да имаме субвенционирање на компаниите со цел одржување на стандардните цени, а не да се замрзнуваат за да преживеат“, рече Рахметулах Ферати- Универзитетски професор за АЛСАТ М
Од Министерството за економија остануваат на ставот дека доколку треба ќе се преземат мерки, но засега само се следи состојбата.
„Министерството за економија го следи движењето на цените на прехранбените основни продукти што ги објавува Државниот завод за статистика“, велат од Министерството за економија.
За бизнис-заедницата, цените на производите растат поради глобалниот раст на светските цени. Замрзнување на цената може да има само на основните прехранбени производи, на не и на другите, бидејќи тоа негативно ќе се одрази на економијата, тврдат од стопанските комори.
„Мала економија како нашата не може многу да влијае на овие случувања кои имаат широки размери… Замрзнување на цените… ќе влијае негативно на понудата, односно ќе предизвика стопирање на дистрибуција на многу производи“, велат од Сојузот на стопански комори.
Цената на маслото за јадење повторно се движи од 90 до 100 денари, млекото од 50 до 60, шеќерот од 40 до 47. Од почеток на годината просечната плата во земјава се зголемила за само 370 денари и сега изнесува 28.642 денари. Потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство достига 34.000 денари месечно.