Бројката на професионални возачи кои чекаат да полагаат е околу 1.500, но поради здравствените протоколи, ќе бидат потребни скоро месец и половина за да заврши процедурата.
Од март годинава, ниту еден професионален возач не полагал испит за да се стекне со уверение, кое ќе му послужи за да добие Сертификат за професионална компетентност, услов за добивање извод од лиценца. Тоа практично значи дека повеќе од 8 месеци, превозничките фирми се снаоѓале како знаеле и умееле за да ги извршат турите кои ги капарисал. Дури сега, упатените во транспортниот бизнис ќе се соочат со застој, бидејќи ќе нема кој да ги вози камионите.
Министерот за транспорт пред неколку дена информираше дека наскоро ќе бидат повикувани сите транспортни компании со нивните вработени возачи за да можат да полагаат. Веќе се спровела јавна набавка – одржување на софтвер за полагање на испити во државни институции.
Професионалните возачи на товарни моторни возила со овие сертификати ја докажуваат својата професионална компетентност, а тие се обновуваат на секои пет години. Документот им е потребен за да може да возат низ цела Европа.
Податоците од транспортниот сектор велат дека во Македонија има околу 15 илјади лица кои вршат дистрибуција и транспорт во странство. Инаку, транспортниот сектор се соочува и со друг проблем, неколку години веќе има одлив на возачи во западно европските држави.