Зимата е на прагот, па се враќаме на вечната дебата за тоа кои гуми и погонски склопови се најпогодни за совладување на зимските пречки.
Тоа е дебата која понекогаш може да стане многу „вжештена“, и покрај студеното време. Овојпат темата е споредување на погон на сите тркала (4x4) и на предните тркала.
Јасно е дека погонот на сите тркала подобро ќе ја пренесе силата на подлогата, но забрзувањето е само еден дел од возењето. Вртењето и запирањето се многу поважни прашања во зима, па иако погонот 4x4 може да понуди некои предности во кривини, при кочење и не е толку важен.
Овде доаѓаме до клучното прашање: дали е подобро во зимски услови да се вози автомобил со погон на сите тркала и добри гуми за сите сезони (all season) или можеби победник е погонот на предните тркала во комбинација со зимски пневматици?
Џонатан Бенсон од YouTube каналот Tire Reviews се обиде да одговори на тоа прашање споредувајќи два Mini Countryman S, од кои едниот користи систем со погон на сите тркала. Тој автомобил вози со гуми Goodyear Vector 4Season Gen 3 за сите сезони, додека верзијата со погон на предните тркала има намонтирано Goodyear UltraGrip Performance + зимски гуми.
Mini со погон на сите тркала самоуверено победува во стартот на рамен терен и на угорнина, но предностите на погонот на сите тркала завршуваат тука. На тестот за сопирање, Mini со погон на предните тркала застана побрзо, а иако тоа не е голема разлика, кога станува збор за итно сопирање, може да значи многу.
Во однос на управувањето, Mini со погон на предните тркала со зимски пневматици беше малку подиректен од неговиот 4x4 колега, иако разликата е исто така минимална.
Од друга страна, перформансите на автомобилите со погон на сите тркала и гумите за сите сезони се релативно блиску до возило со погон на предните тркала и зимски гуми, барем кога станува збор за Goodyear од тестот.
Сепак, погонот на предните тркала и зимските гуми малку ги надминаа погонот на сите тркала и all season гумите.