Извештајот не опфати некои глобално озлогласени градови за ова прашање, како Лахоре, Лагос или Каиро.
Како што глобалниот сообраќај почна да се опоравува од блокадата на пандемијата на почетокот на оваа година, Лондон (повторно) се покажа како град во светот каде има најголем метеж во сообраќајот, пишува Biznis.rs.
Според податоците собрани од компанијата за анализа на сообраќајот Inrix, британскиот главен град има најголем сообраќаен метеж меѓу повеќе од 1.000 избрани градови во 50 земји во светот.
Париз, Брисел, Москва и Њујорк се следните на листата која покажува каде најверојатно ќе поминете многу време заглавени во сообраќајот.
Извештајот, кој се потпира на земјите каде што Inrix има покриеност со податоци, исклучува некои глобално озлогласени градови за ова прашање, како Лахоре, Лагос или Каиро, пренесува Bloomberg.
Главниот оперативен директор на Inrix изјави за Би-Би-Си дека високите нивоа на метеж во Лондон делумно се должат на поставувањето нови велосипедски патеки минатата година.
Добротворните организации на велосипедистите ги оспорија овие тврдења, а Cycling UK тврди дека патеките им помагаат на луѓето да се движат поефикасно.
Додека сообраќајот постепено се враќа во нормала по речиси две години борба со коронавирусот, патувањето до центарот на градот продолжува да се приближува до нивоата пред пандемијата, според објавената студија.
Патувањата со автомобил до центрите на градовите во Соединетите држави се 22 отсто под нивото пред пандемијата и 19 отсто во Обединетото Кралство бидејќи многу луѓе сè уште поминуваат барем одредено време работејќи од дома.
Некои европски градови враќаат построги ограничувања, како што се затворање на ноќни клубови и други мерки кои би можеле да доведат до намалување на сообраќајот.
Глобалниот сообраќај во 2021 година сè уште беше под 2019 година, но зголемувањето во однос на минатата година сигнализира значително економско закрепнување, се вели во студијата.