Секоја година голем број возачи се одлучуваат да купат половни зимски гуми. Единствената причина зошто се одлучуваат на ваков чекор е за да заштедат пари. Но, дали ова е добар избор?
Од 15 ноември до 15 март сите возачи во Македонија мора да имаат 4 зимски гуми и зимска опрема. Затоа е крајно време доколку имате летни гуми да ги смените и да купите нови.
Зошто не треба да купите половни зимски гуми?
Гумите се најважни за безбедност. Ако гумите се лоши, нема да може да закочите на време и може да дојде до губење на контролата над возилото и до негово пролизгување. Возењето со лоши гуми е ризично дури иако возите внимателно. Затоа не треба да штедите пари кога станува збор за вашата безбедност.
Опасноста се крие во оштетените гуми кои често не се видливи со голо око. Станува збор за пукнатини во структурата на гумата. Освен ова, пропуст е и доколку претходниот сопственик не внимавал на притисокот.
Возачите треба да имаат предвид дека таквите гуми се извадени од возилото со причина и дека ако биле добри не би биле на продажба. Ако имате среќа и ако најдете половна гума без оштетувања, таа е секако истрошена, па за краток период ќе треба да купите нови гуми.