Водечките светски финансиски институции, заедно со 10 земји, спроведоа симулација на голем сајбер напад на меѓународните финансиски пазари.
Израел ја предводеше оваа вежба во која учествуваа 10 земји и која симулира сајбер напад со штетен ефект во голем обем на финансиските пазари ширум светот. Вежбата се обиде да создаде реално сценарио на паника и хаос, што би следело по еден таков настан, пренесува Ројтерс.
Меѓународната сајбер вежба е наречена „Колективна сила“(Collective Strength) и беше спроведена во четвртокот. Во неа, меѓу другите, учествуваа САД, Велика Британија, Германија, Италија, Тајланд и Обединетите Арапски Емирати. Во вежбата учествуваа и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.
На финансиските службеници од земјите кои учествуваа во вежбата им беше прикажан филм кој симулира настани и во кој нараторот забележува како чувствителните податоци биле украдени, а потоа споделени на Dark Web. Ова, на крајот, „создаде конфузија на финансиските пазари“ во период од 10 дена.
Израелското Министерство за финансии ја окарактеризира вежбата како воена вежба и помина низ неколку различни типови на напади, вклучително и откритија кои влијаеа на меѓународните берзи, ликвидноста и безбедноста на податоците кои ги споделуваат извозниците и увозниците ширум светот.
Вежбата го испитуваше и влијанието на лажните вести за кризата, како и кои чекори може да се очекуваат од страна на светските влади.
Израелските власти истакнаа дека во минатото имало пробиви на помали нивоа во компаниите, но такви напади се можни и во пошироки размери. Тие, исто така, заклучија дека само глобална соработка има некаква надеж за спречување на најлошите резултати во случај на голем хакерски напад.