Оваа година се реализираше првата анализа која се однесува на македонскиот јазик за истражување за „Збор на годината“ која ја направи Балканскиот институт за култура и хуманистички науки од Скопје по примерот на многу други јазици.
Анализата се засновува на материјал од комуникацијата на македонски јазик. При истражувањето на податоците се користени сите можни средства преку кои се пренесува информација на македонски јазик: од традиционалните – радио, телевизија, весници и списанија, преку поновите – Интернет портали, сè до социјалните мрежи кои најчесто се користат во земјава (Фејсбук, Твитер, Инстаграм) и печатените и електронските реклами.
„Откако ја проучивме и целосно ја совладавме методологијата на анализата, пристапивме кон истражувањето. Заедно со помладите колеги поминавме многу часови во читање и во слушање, а потоа и во анализа на материјалот. Она што е несомнено важно е дека изборот е направен според критериумот на актуелност на лексиката, односно во изборот не влегува таканаречената секојдневна лексика без која е невозможно постоењето, а исто така и личните имиња и кратенките. Општоприфатената методологија ја приспособивме на македонскиот јазик и неговиот лексичко-граматички строеж, па оттаму сме сигурни дека и добиените резултати се релевантни и научно засновани“, вели раководителот на проектот и лингвист д-р Емил Ниами.
Според спроведеното истражување направена е и топ-листа на петте зборови во македонскиот јазик за 2021 година, која изгледа вака:
Вакцинација
Оваа лексема во текстовите, во информативните и во дебатните емисии, како и во Интернет-комуникацијата се среќава со дури пет пат поголема зачестеност. Секако, тука треба да ги посочиме и зборовите вакцина и вакцинален кои исто така мошне често се употребувале кај говорителите на македонскиот јазик во 2021 година.
Антитела
Лексемата најчесто ја среќаваме во извештаите во дебатни и едукативни програми, како и во Интернет-комуникацијата, особено на социјалните мрежи. Особено е интересно што од сите зборови поврзани со пандемијата со КОВИД-19 овој збор најчесто се употребува во рекламните изданија на Интернет-просторот на македонски јазик.
Акција
Интернет- телевизиските, радио - и печатените реклами го донесоа зборот акција на третото место по зачестеност. Интересно е што овој збор најчесто се користи во значење на „попуст“ (не е опишано во Толковниот речник на македонскиот јазик).
Протокол
Зборот протокол најчесто го среќаваме во медиумите, додека многу поретко при комуникацијата на социјалните мрежи. Соодносот медиуми – социјални мрежи изнесува 14:1, па тоа е, најверојатно, и причината што лексиката поврзана со пандемијата со КОВИД-19 не ја направи „златната тројка“ на списокот најчесто употребувана лексика.
Иновации
Анализата покажува дека овој збор се користи со истата зачестеност како и зборовите од секојдневната лексика (вода, пари и сл.). Ваквата употреба се должи на енормно брзиот развој на високите технологии, но и на пандемијата со КОВИД-19 која наметна потреба токму од иновации, со цел одржување економски баланс во услови на безмилосна конкуренција.
Извор: meta.mk