Во минатото често пред крајот на годината пишувавме честитки, а сега искрените желби и честитки ги праќаме на телефон во порака. Како и да е, освен ако не праќате само емотикони, добро ќе ви послужи и потсетување за правилното пишување на празничните термини.
„Ви посакуваме Среќна Нова 2022-ра година и среќни божиќни празници...“
Можете ли веднаш да ги пронајдете грешките во оваа реченица? Проверете дали знаете како точно се пишуваат и следните зборови?
Како се пишува правилно? Каде треба мала, а каде голема буква? Каде стои „к“, а каде „ќ“...?
1. Нова Година или Нова година;
2. Новогодишни празници или новогодишни празници;
3. Божиќ или Божик;
4. Божиќни празници или божикни празници;
5. Божиќна честитка или божиќна честитка;
6. Среќна Нова Година или Среќна Нова година;
7. Дедо Мраз или Дедо мраз;
8. Претпразничен период или предпразничен период;
Одговорите се следните:
Според правописот на македонскиот стандарден јазик имињата на празниците се пишуваат со почетна голема буква, но кај имињата на празниците со два збора, само првиот збор се пишува со голема буква, па оттука:
1. Нова година;
Придавките изведени од имињата на празниците се пишуваат со мала буква, затоа:
2. новогодишни празници;
3. Во случајот кај Божиќ или Божик, треба да знаете дека се правилни и двете верзии;
4. божиќни (божикни) празници;
5. божиќна честитка;
6. Среќна Нова година;
7. Личните имиња се пишуваат со голема буква, па потребно е и двата збора од името на старецот со бела брада да бидат напишани со големи букви:
- Дедо Мраз;
8. Кога две согласки различни по звучност ќе се најдат една до друга потребно е да се направи едначење по звучност, па оттука:
- претпразничен
Извор: crnobelo.com