Новите години во Скопје при крајот на минатиот век секогаш биле празник и незаборавно доживување за младите, па и за оние постарите што се чувствувале млади.
Тогаш луѓето едвај чекаа да дојде Нова година и сѐ некако имаше душа. За жал, Скопје веќе не наликува на град што ѝ се радува на Нова година, а порано од 15 декември до 15 јануари или до Стара нова година, имаше некој празничен дух меѓу луѓето – со доза носталгија се сеќава Милорад Цаиќ-Цајо, некогашен менаџер, промотор и организатор на ноќниот живот во Скопје.
Цајо се потсети на својот прв организиран пречек кога бил петтоодделенец и со семејството живеел во скопската населба Козле.
– Првиот мој пречек на Нова година беше кај моја соученичка, која сега е лекарка специјалистка. Бевме четворица другари, а претходно во кино „Вардар“ го гледавме филмот „Диктатор“ со Чарли Чаплин. Останавме до 1 часот по полноќ и си отидовме дома. Како средношколец, мислам дека бев втора година, не можам да ја заборавам Нова година со Петар Пачков-Репо. Во 1981-1982 година, славевме во клупчето „Џаџу“ на улицата Партизанска, и тоа за мене беше незаборавен пречек. Бевме јас, Густав, Горан и Зоки Адамовиќ, Сашо Христов, Васе Андоновски, Горан Петел, Димо Егеец… – се присети тој.
Организирани пречеци од 1983 година имало во познатите скопски клупчиња: „Алпино“, „Пони“, „Змија“, „Шанеда“, „Соникс“ „Албатрос“, „Клуб 63“, кои ги имало во секоја скопска населба и кои биле активни до 1986-1987 година.
– Ги паметам новогодишните журки во 1985-1986 година во клубот „Матиник“ кај Берто – вели Цајо.
Некаде тоа време интересни биле пречеците во дискотеките: „Скала“, „Панорама“, „Теферич“, „Зелен рај“, „Златна ружа“, „Кај Бобо“ и секаде се барала карта повеќе.
Не може да се заборават и новите години во клубовите: „Метропол“, „Таверна“, „Турист“, „Мусандра“, а нешто подоцна и во „Џубокс“, МЦМ, „Булевар“, „Дипломатик“. Некаде во 1988-1989 година, младите скопјани Нова година ја пречекуваа во дискотеката во МНТ.
– Во 1986 г., откако ја организирав првата полноќна забава во клубот „Огниште“, добив идеја за организирање предновогодишен маскенбал. Овие забави беа голема атракција во градот, а еуфоријата траеше до 1999 година, кога замре овој настан. Со сигурност можам да кажам дека новогодишниот беше многу подобар маскенбал од првоаприлскиот. Сите имаа оригинални, не многу скапи маски и владееше вистинска еуфорија – се потсети на убавите денови Цајо.
Според него, најинтересни во градот биле деновите 28, 29 и 30 декември, кога владеела вистинска празнична атмосфера.
– Тогаш веќе почнаа да се организираат денски журки, вистинско загревање за најлудата ноќ. Интересно беше дневното загревање кај Боби во кафулето „Рома“ во „Мавровка“ во 1990-1991 г. Јас направив вистински џумбуш два дена пред Нова година во „Чао“ во ГТЦ во 1993-1994 г. што го држеше Гиц. Отидов со Перко, сега веќе покоен, дојдовме во 11 часот наутро и бев многу расположен, па дури се качив на шанк и направив одлична атмосфера со едно дајре и со свирче во уста. Околу 16 часот, уморен, отидов дома, а околу 20 часот ми се јави Перко и ми рече: „Веднаш доаѓај, знаеш ли што направи, никој не сака дома да си оди“. Журката траеше до 2 часот, а потоа продолживме во дискотеката „Хард рок“ – вели тој.
Во тие денови околу Нова година, Скопје било убаво и богато украсено. Улицата Македонија и плоштадот биле прекриени со тезги со честитки и разни други дреболии, а имало и бини со забавна програма за деца.
Своевремено ноќниот живот во Скопје имаше нешто што сега младите го немаат, а тоа се дружењето, насмевката, љубовта меѓу луѓето и секогаш постоеше флуид на разбирање. Немавме мобилни, а сепак секогаш постоеjа теми на разговор во кафулињата и дискотеките. Ја следевме и модата, секој викенд некој одеше за Трст, Солун, па и во Истанбул, па дискотеките наликуваа на вистински модни писти – вели тој.
Најдобрите новогодишни пречеци во Скопје се организирале од 1985 до 2000 година, кога сѐ замрело.
Во 2005 година градот како да го загуби духот на една урбана средина, со шарм и позитивна енергија, за кој се зборуваше и во поранешна Југославија. И нашата метропола и целиот Балкан ги зафати едно сивило од кое, за жал, сѐ уште не можеме да излеземе – со жалење констатира Цајо.