Државата одлучи да го штити работникот и да му овозможи слободен неработен дeн, а доколку не ја послуша ќе плати казна поголема од дневницата. Глобата изнесува од 800 до 10.000 евра за правните лица, додека пак одговорното лице ќе плати од 50 до 500 евра глоба. Државните инспектори за труд денеска се на терен и проверуваат дали трговците го применуваат законот, односно измените на Законот за работни односи, кои ја дефинираат недела како неработен ден речиси за 92 проценти од работниците.
Директорката на пазарен инспекторат Анета Симеска посочи дека за сите оние кои нема да го почитуваат законот и ќе работат денеска, мерките што ќе следуваат, ќе бидат во зависност од состојбата на терен.
-Согласно законот за трговија во моментот не се предвидени, по основ на овој тип прекршувања, опомени или други мерки. Секако инспекторите ќе имаат во предвид, ние пред се работиме едукативно, зависно од ситуацијата, меѓутоа за сите оние каде ќе се утврдат прекршоци ќе следуваат и прекршочни санкции, односно глоби, вели Симеска.Таа појасни дека трговец поединец има право да работи денеска, односно во недела, само доколку работи сопственикот или доколку работното време му е во терминот што го пријавил до Централниот регистер.