Додека во џебовите на машките панталони лесно можат да се сместат телефони, паричници, клучеви и друго, тешко дека ќе можете да ставите дури и паметен телефон во џебовите на повеќето женски фармерки.
Која е причината за големата модна неправда?
Експертката Емили Келер, која 10 години се занимава со моден дизајн, објасни дека женските џебови се помали, или често се лажни, бидејќи ги намалуваат трошоците, односно со цел да се намалат големината и употребените ткаенини.
„Постојат 3 причини зошто женската облека се прави со лажни џебови или воопшто нема џебови“, открива таа.
Прва причина - поевтино е. Вистинските џебови чинат повеќе пари.
Емили продолжи: „Со лудоста за брза мода, нема причина да се прави квалитетна функционална облека. Профитните маржи за компаниите се подобри кога ги елиминирате џебовите“.
„Фокусот на евтината облека обично е визуелна естетика и тренд. Со повисоки цени, доаѓаат и смислено дизајнирани парчиња со фокус на безвременоста, долговечноста, квалитетот и функцијата, наместо трендот“.
Втора причина - го растура обликот на телото.
„Бидејќи женските фармерки денес се наменети да одговараат на телото, контурата на два дополнителни слоја ткаенина за предните џебови е прилично видлива. А, врз основа на точка 1, евтината ткаенина е потенка. Така, контурата на џебот е МНОГУ видлива.
„Потоа, ако навистина ставите нешто во тие џебови, ќе имате мазна силуета на ногата од глуждот до средината на бутот, а потоа ќе има нерамна испакнатост на горниот дел од бутот“.
Трета причина - џебовите се гужваат
„Повеќето женски фармерки се направени со одредена количина на растегната ликра. Ако се користат вистински џебови, ткаенината се растегнува и имате згужвани празни џебови“.
„Знаете како пределот околу коленото малку се растегнува? Истото се случува и со џебовите кога се испружени со работи во нив. И немојте да го обвинувате модниот дизајнер, бидејќи веројатно не е нивна вина. Ние се стремиме да ја завршиме нашата работа и да дизајнираме обмислена облека. Но, она на што навистина се сведува е буџетот. Има малку што можеме да направиме“.
Историја на женските џебови
Така, според оваа модна дизајнерка, сè се сведува на пари, но историјата на џебовите во женската облека ги содржи и причините зошто тие толку често се изоставуваат.
Во средниот век и мажите и жените носеле чанти кои наликувале на џебови кои виселе од ремени под облеката, но како што облеката станувала помодерна, тие биле исечени од женската облека.
За време на Француската револуција и надворешниот и внатрешниот џеб биле исфрлени од женската облека за да се спречат да се кријат и да носат забранети материјали.
До 1790-тите, жените немале друг избор освен да користат мали украсни чанти, наречени ретикули, кои едвај можеле да соберат шал или пари - тоа бил почетокот на чантите.
Извор: kajgana.com