Компанијата за безалкохолни пијалаци Coca-Cola склучи партнерски договор со еколошката организација за чистење на океаните од пластика, The Ocean Cleanup, при што зеде обврска да исчисти 15 од најзагадените реки во светот кои придонесуваат кон загадувањето на океаните со пластика.
Според истражувањата на The Ocean Cleanup, постојат 1,000 реки во светот преку кои се слева 80% од пластиката во океаните. Со тоа на ум, сметаат дека новата програма “River Interceptor” („Речен пресретнувач“) претставува идеалното решение за соочување со проблемот.
Coca-Cola ќе биде првиот глобален партнер за имплементација на проектот. Компанијта ќе има задача да се занимава со логистиката и регулациите поврзани со операцијата, вклучувајќи го вадењето дозволи од официјалните власти, како и со обезбедувањето на средства и оператори за чистење на отпадот.
Учеството во оваа програма се вклопува во заложбите на брендот за поголема еколошка одржливост на своето производство. Имено, Coca-Cola има за цел до 2025 година да направи сите свои пакувања да можат да се рециклираат, а до 2030 година планира да изгради затворен кружен систем за рециклирање и реупотреба на сите свои шишиња и лименки.
извор: marketing365.mk