До сто контролори дневно работат во градската транспортна компанија „Виена Лајнс“. Во 2021 година 2,7 отсто од патниците кои биле контролирани - немале билети за превоз.
Како и лани, бројот на патници кои не плаќаат билети е многу мал. Во 2020 година тој процент бил само два отсто.
- Виена ја има една од најдобрите светски транспортни мрежи по многу прифатлива цена. Мило ми е што повеќето патници ја користат оваа услуга со соодветен билет - изјави Петер Ханке, член на градскиот совет, задолжен за јавниот превоз.
Секој што ќе биде „фатен“ без билет мора да плати казна од 105 евра. Доколку казната не се плати веднаш, сумата се зголемува на 115 евра.
- Со секојдневни контроли обезбедуваме системот да биде фер. Доколку некој не го платил билетот, контролорите му издаваат најскапа карта што ја имаме на лице место, а тоа е индивидуално премиум возење во вредност од 105 евра - објаснува Александра Рајнагл, директорка на Виена Лајнс.
Во 2021 година биле контролирани три милиони патници, а во 2020 година 3,2 милиони патници. Три проценти во Берлин граѓаните возат без билет, додека во Хамбург или Франкфурт бројор е пет отсто, а во Париз десет отсто.