Германскиот институт за економски истражувања предложил на секој граѓанин на Германија, по 18-годишна возраст, да му бидат доделени 20.000 евра како дел од универзалното основно наследство. Парите не може да се потрошат залудно, туку да се искористат исклучиво за плаќање школарина, враќање на станбен кредит или започнување бизнис.
Просперитет за сите
- Ако навистина сакаме да создадеме просперитет за сите во блиска иднина, треба да го намалиме високото ниво на нееднаквост на имотот преку прераспределба, напиша во предлогот Стефан Бах, даночен експерт.
Имајќи предвид дека околу 750.000 граѓани стануваат полнолетни секоја година, основното наследство би го чинело германскиот буџет околу 22,6 милијарди евра годишно. Тие пари може да се надоместат со зголемување на данокот на наследство, воведување оданочување на многу богатите граѓани, како и реформирање на данокот на недвижности, предлагаат економистите, пишува Дојче веле.
Во споредба со другите земји со слична распределба на приходите, средствата во Германија се високо конципирани. Најбогатите 10 проценти од граѓаните поседуваат две третини од вкупниот приватен имот вреден 12 милијарди евра. Но, богатите учествуваат со само 1,1 отсто во даночните приходи на државата.
Од друга страна, половина од населението поседува само 1,3 отсто од имотот, што значи дека по правило ништо не наследуваат.
Згора на тоа, вредноста на имотот на најсиромашната половина од германското население би скокнала меѓу 59 и 94 отсто.
Да потсетиме, во коалицискиот договор е наведено дека ќе се воведат мерки за поттикнување на сопственоста на недвижен имот, како и олеснување на приходите и исплата на приватните пензиски фондови.
Инаку, идејата за првпат ја формулирал американскиот политички активист со британско потекло Томас Пејн во 1797 година. Тој тогаш предложил секој граѓанин на возраст над 21 година да добие по 15 фунти или 1.179 евра во денешната вредност.
Околу 200 години подоцна идејата е оживеана од британскиот економист Сер Ентони Б. Аткинсон. Во 2015 година ја објави книгата „Нееднаквост: Што може да се направи“ во која ја елаборира идејата и предложи таа да се финансира од даноците на наследство.