Норвешкиот државен пензиски фонд објави дека во 2021 година остварил принос на инвестициите за пензии на граѓаните од 1,580 милијарди норвешки круни (177 милијарди долари), најмногу благодарение на резултатите од акциите на технолошките компании.
Фондот основан во 1996 година, има удели во 9.123 компании ширум светот. Тој поседува 1,4 отсто од сите котирани акции ширум светот, а исто така инвестира во обврзници, недвижен имот и инфраструктура за обновлива енергија.
Според агенциите, Фондот од своето основање заработил по 244.000 долари за секој граѓанин на оваа земја, вклучувајќи ги и децата.
Поголема сума од оваа 2021 година заработија во само во 2019 година, кога приносот беше 1,690 милијарди круни.
Фондот, кој го инвестира приходот од продажбата на нафта и гас и управува со имот во вредност од 1.300 милијарди долари, најголем во светот, минатата година оствари принос од 14,5 отсто.
„Добрите резултати главно се должат на многу силните трендови на берзата во текот на годината. Приносите беа добри во сите сектори, но инвестициите во технолошките компании и финансиите се покажаа како особено добри“, се вели во соопштението на извршниот директор Николај Танген.
Акциите на технолошките компании остварија принос од 30,2 отсто.
Фондот постигна најголем принос од инвестициите во Мајкрософт, Алфабет и Епл. Меѓу дестинациите, најмногу заработиле на инвестициите во САД, вкупно 960 милијарди круни, а потоа следи Велика Британија со 112 милијарди круни.