Берово доби мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот и првичните резултати го срушија митот за чистиот планински воздух во овој град.
Гевгелија е со далеку почист воздух од Берово, но за да се дојде до ваков заклучок морало најпрво да се постават мерните станици за квалитетот на воздухот во двата града, кои беа изминатиов период изведени од Министерството за животна средина и просторно планирање преку Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух.
Покрај Берово, нова мониторинг станица за мерење на квалитетот на воздухот доби и Прилеп. Сепак, постојната мрежа што го следи аерозагадувањето во населените места низ земјава не е доволна. Мета.мк веќе пишуваше дека во целиот северен дел на Скопје, којшто ги вклучува општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари, во моментов нема ниту една фиксна или мобилна мониторинг станица што ќе го мери квалитетот на воздухот на овие локации.
Мета.мк редовно ги следи мерењата на квалитетот на воздухот во Скопје и последната анализа за месеците октомври и ноември 2021 година покажа дека населбата Лисиче е најопасната локација за живеење во главниот град, земајќи ги во предвид измерените вредности на PM2.5 и PM10 честичките.
извор: meta.mk