За време на неодамнешниот разговор за заработка со инвеститорите, извршниот директор на „Apple“, Тим Кук, откри дека „Apple“ сега има 1,8 милијарди активни уреди ширум светот.
Иако Кук не навлезе подлабоко во тие бројки, секако треба да се забележи дека „Apple“ смета дека уредот е активен доколку во изминатите 90 дена бил во интеракција со услугите на „Apple“.
Да потсетиме, минатата година компанијата се пофали дека има 1,65 милијарди активни уреди, додека во 2020-та година тој број бил помал за околу 150 милиони.
Кога станува збор за уредите со „Android“, „Google“ во мај минатата година откри дека има над три милијарди активни.
Како што истакнува „The Verge“, компанијата ја зема оваа бројка од својата „PlayStore“, која всушност не ги брои уредите базирани на „Android“ кои користат алтернативни продавници за апликации, па во реалноста таа бројка е уште поголема.
Во секој случај, несомнено е дека главниот генератор на приходи на „Apple“ е нивниот „iPhone“, кој за време на празничниот квартал одлично се продаваше во сите делови на светот, па дури и во Кина, каде изборот на паметни телефони од локалните производители е навистина голем.