Популарната индонезиска дестинација за одмор, Бали денеска повторно се отвора за целосно вакцинирани туристи од целиот свет. Сепак, иако имаат сертификат за целосна вакцинација, меѓународните патници ќе мора да поминат пет дена во карантин.
Оваа одлука ја потврди и министерот за поморство, Лухут Панџаитан, кој рече дека за прв пат од почетокот на пандемијата ќе им биде дозволен влез на вакцинирани посетители од целиот свет.
Иако Бали го рестартираше домашниот туризам во средината на 2020 година, дури во октомври минатата година им беше дозволен влез на меѓународни патници, но само од 19 земји.
Се надеваат дека ова ублажување на ограничувањата за патување кое стапува на сила денеска ќе помогне за закрепнување на туризмот.
Овој остров во првите 10 месеци од 2021 година го посетиле само 45 странски туристи. Податоците објавени од Централната статистичка агенција на Бали покажуваат дека најголем број посети имало на почетокот на годината, кога примиле 10 туристи во јануари и уште 12 во февруари.
Најмирни месеци биле јули, август и септември. За тоа време Бали не бил посетен од странски туристи.
Повеќе од милион странци го посетија Бали во 2020 година – од кои повеќето патуваа таму во првите три месеци од годината. Вкупниот број на туристи е значително помал од 2019 година, кога островот го посетиле 6,2 милиони туристи.