Ова е најскапата страница од стрип на сите времиња, а го прикажува суперхеројот Спајдермен во, за неговите фанови, историски момент.
Станува збор за 25. страница од епизодата „Тајните војни број осум“, нацртана од Мајк Зек, во која првпат се појавува црниот костим на Спајдермен. Костимот подоцна ќе доведе до појавата на ликот Веном.
„Не можеме да бидеме посреќни. Особено сме среќни за продавачот, кој ги купувал уметничките творби во доцните 1980-ти и оттогаш ги чувал овие страници како богатство“, изјави Џо Манарино, директор во Херитиџ Аукшнс надлежен за стрипови.
Претходно, страницата број 24 од истиот стрип за Спајдермен беше продадена за 288.000 долари (околу 250.000 евра).
Херитиџ Аукшнс, со седиште во Далас и филијали во Њујорк, Калифорнија, Хонгконг, Лондон, Амстердам и Париз, се опишува себеси како најголема аукциска куќа во светот за колекционерски предмети.
Наддавањето на стрип настан во Далас почнало од 330.000 долари, за на крајот да надмине три милиони. Името на купувачот не е објавено.
Претходната рекордна цена за една страница од стрип изнесуваше 657.250 долари, а беше платена за изданието на „Неверојатниот Хулк“ од 1974 година во кое се навестува појавувањето на Вулверин.
извор: smart.sdk.mk