Автопатот „Ханшин“ е име на патна мрежа долга 239 километри која ги опфаќа Осака, Коби и Кјото во Јапонија, управувана од Ханшин Експресвеј ДОО. Многу јапонски градови се борат со сообраќаен метеж, особено Осака.
Состојбата на патиштата е толку сериозна што еден дел од споменатиот автопат поминува низ 16-катна деловна зграда.
Излезот бил изграден на потпори, така што патот не ја допира зградата. Но, бидејќи облакодерот целосно го опфаќа излезот, изгледа како да е нејзин составен дел и затоа е вистинска атракција во третиот по големина град според бројот на жители во Земјата на изгрејсонцето.
Ова необично решение е креативен резултат на долгогодишниот спор меѓу сопственикот на автопатот и земјиштето на кое се наоѓа „Gate Tower“. Поради некоординирани одобренија за градење, минувањето на патот низ облакодерот било единственото можно решение, па од 1992 година, сопственикот на автопатот Ханшин плаќа месечна закупнина за трите ката на зградата.