Во некои краишта, подароците за мајката и бебето во периодот по раѓањето на бебето се состоеле од леб, ракија, домашен сок и мали колачи за мајката и три подароци за детето. А имало разни обичаи и во врска со тоа кој треба да ги направи колачот и лебот, кој да ги исече, па дури и кој прв да гризне од нив. Подоцна, оние поимотните почнале да даруваат злато и златен накит, а се дарувале и сè уште се даруваат и облека, постелнини, но и други покрупни и потребни нешта за бебето и мајката.
Но, новите времиња носат и нови адети, па сè почесто слушаме дека денешните баби и дедовци кои се главно од некоја генерација од 60-тите години на минатиот век почнуваат наместо со златници или со пари, да ги даруваат внуците со она што веќе се нарекува злато на иднината, а тоа се криптовалутите.
Инвестициските експерти велат дека со оглед на постојаниот раст на вредноста на првата криптовалута-биткоинот, тој е на пат да стане злато на иднината. И иако благородните метали, како златото, не се предаваат така лесно, сепак, сè повеќе новопечени баби и дедовци решаваат наместо злато да им даруваат на своите внуци барем некое делче од биткоин.
За оние кои се љубители на вложување во злато, привлечната сила на овој благороден метал е очигледна, па тие го купуваат за себе и за своите потомци во форма на кованици, накит и други декоративни предмети, а оние другите, кои се поинформирани или можеби само похрабри, сметаат дека биткоинот, иако можеби ја нема долготрајноста на златото, сепак има одлична перспектива и може да биде добар влог во иднината на нивните внуци.
Така што, што се однесува до долготрајноста, денешните 12-13 години биткоин исто така можат да бидат и 120 години во која било друга ера од историјата на човештвото. Оние другите пак, се во право за една работа, а тоа е дека единствено нешто врз чија вредност нема никакво владино или банкарско влијание е златото. Значи, златниот приврзок што му го ставиле вашите родители на вашето дете во колевката или златното ланче, подарок од баба за дипломската е нешто што со години па и векови гарантира финансиска безбедност, без притоа да треба да веруваме во некаков систем или политика на државата.
Всушност, според неодамнешните податоци, биткоинот е профитабилен во 96,2% од времето откако првпат беше лансиран во јануари 2009 година, што значи дека ако сте подариле биткоин на некој близок во кој било момент во последните 12 години, тој веројатно ќе вреди повеќе сега отколку кога сте го подариле. Добро звучи, нели? Значи, ако е на повидок некое внуче, почнете да размислувате во духот на времето, подарете му некоја криптовалута или само делче од неа.
Имено, обичајот на дарување на новороденчињата, но и подароците за различни значајни настани во животот, не запира, а во која форма ќе бидат вашите подароци, одлучете сами.