Се повеќе брендови и модни синџири, како што се Uniqlo или H&M, се фокусираат на унисекс колекции, односно на родово неутрални модни дизајни. Но на долг рок, ова не е стандард. Во светот на модата сè уште постојат јасни разлики во облеката за мажи и жени. Не зборуваме за фустани, здолништа или штикли, туку за ... копчиња.
Сè уште се наоѓаат на левата страна на повеќето женски кошули и на десната страна на машките кошули. До 13 век, копчињата се користеле само како украсни елементи во облеката. Функцијата за прицврстување, како што се јамките или копчињата, не се појавиле во Германија се до доцниот среден век.
Но, зошто копчињата на женските кошули се на левата, а машките на десната страна?
На почетокот, само мажите носеле облека со копчиња. Женската облека била на шнирање. Тоа почнало да се променува постепено, бидејќи корсетите почнале да излегуваат од мода. Како што полека почнале да стануваат модерни здолништата и фустаните со копчиња и блузите, облеката со сложени кроеви на почетокот била достапна само за жените од повисока класа.
Ова исто така објаснува зошто копчињата се наоѓаат од левата страна на женската облека. Жените од благородништвото, а подоцна и од повисоките индустриски сфери, често имале слугинки на располагање за да ги облекуваат. Бидејќи повеќето луѓе се десничари, попогодно било да се шијат копчињата на женската облека од страната каде слугинките можеле полесно да ги закопчуваат и откопчуваат – а тоа е од левата страна.
Мажите сами се пресоблекувале. Освен тоа, постои уште една практична причина зошто копчињата на машките кошули треба да се од десната страна. На левата страна се носеле мечеви, сабји и пиштоли, а со десната се ивлекувале. Ова се рефлектирало во машката мода. Благодарение на позиционирањето на копчињата на десната страна, мажите никогаш не се заглавувале на парчиња од облеката кога посегнувале по оружје. На овој начин, наборот поставен на десната страна им ги спасил животите на многу мажи.
Исто така, кога температурите биле ниски, било многу полесно да ја стават десната рака помеѓу копчињата и малку да се загреат, особено затоа што во старите времиња не било вообичаено да се носат ракавици.
Постојат и други теории зошто копчињата се на левата страна во женската облека.
Според една од нив, причината за тоа е начинот на кој што жените јавале коњи. Каква врска имаат коњите со отворите за копчиња? Па, во класичното странично седло, жените морале да седат со горниот дел од телото свртен надесно. Кошулата закопчана од левата страна значела помалку ладен воздух низ облеката додека јавале.
Како што можете да видите, иако е прилично јасно зошто машките копчиња се на десната страна, постојат неколку различни теории за женската страна. Најверојатно, најрелевантната причина е таа дека слугинките ги облекуваале дамите.