Големи шумски пожари го зафатиле Антарктикот пред 75 милиони години, во време кога диносаурусите сè уште талкале по Земјата, открива ново истражување.
За време на доцниот период креда, (од 66 до 100 милиони години во праисториајта), еден од најтоплите периоди од развојот на Земјата, островот Џејмс Рос на Антарктикот бил дом на умерена вегетација од зимзелени дрвја, папрати и цветни растенија. Тоа е и периодот во кој изумреле диносаурусите.
Археолошките откритија покажуваат дека тој период воопшто не бил идиличен, туку густите прашуми често пати биле зафаќани од големи пожари. Остатоците од јагленисаните стебла група научници ги собрале и ги проучувале.
„Ова откритие го проширува знаењето за појавата на пожари во вегетацијата за време на креда, покажувајќи дека таквите епизоди биле почести отколку што претходно се мислеше“, вели водечкиот истражувач на студијата, Флавијана Хорхе де Лима, палеобиолог на Федералниот универзитет во Пернамбуко во Ресифе, Бразил.
Откритието го означува првиот доказ за постоењето на палео-пожари на островот Џејмс Рос, дел од Антарктикот.
Научниците ги анализирале фосилите собрани за време на експедицијата 2015-2016 година на североисточниот дел на островот. Тие содржеле јагленисани фрагменти од растенија кои исчезнале во текот на изминатите десетици милиони години.
Фрагментите од јаглен биле мошне мали – најголемите од нив имале само 2-3 сантиметри. Но, под електронски микроскоп било утврдено дека тоа веројатно се изгорени гимносперми, од ботаничко семејство иглолисни дрвја наречени Araucariaceae.
„За време на доцниот период креда, суперконтинентот Гондвана се распаѓал, оставајќи места како Антарктикот поизолирани од порано. Овој регион без мраз имал многу извори за палење, вклучително и удари од гром, огнени топки од метеори и вулканска активност“, објаснуваат истражувачите.
„Антарктикот имал интензивна вулканска активност предизвикана од тектониката за време на Креда, како што е сугерирано од присуството на фосилни остатоци во слоевите поврзани со паѓањето на пепел“, напишале истражувачите во студијата. Веројатно вулканската активност го запалила палео-шумскиот пожар во кој е создаден јагленот што го испитуваме“, додаваат тие.
Сега, истражувачите бараат нови записи за палео-пожари на други локации на Антарктикот.
Студијата е објавена во списанието Polar Research.