Како што се приближуваме до летото, Хрватска повторно интензивно „работи“ на својата квалитетна туристичка понуда.
Луксузните вили се бараат наголемо, и тоа се повеќе од година во година, а магијата од уживањето во нив не мора да ја почувствуваат само гостите со длабоки џебови, туку и вработените.
Имено, во Хрватска се појавил интересен оглас за работа кој би можел да биде пропратен со натписот: Тестер на содржина на луксузна вила.
Да, добро прочитавте, со оглед на тоа дека работниците на една вила на Корчула ќе имаат обезбедено бесплатно сместување, кое за гостите, унаку, во предсезона им се издава за дури 700 евра од дена.
Работниот ангажман на тестерите ќе трае 7 дена, од понеделник до недела. Работното време е осум часа. Од кандидатите за оваа крајно необична „работа“, се очекува да прават краток видео „дневник“ секој ден.
Инаку, овој оглас е објавен на платформата за вработување, PickJobs.
Компанијата, се вели, вработува две лица кои ќе ја тестираат содржината во вилата, поради подготовката за престојната летна сезона, пишува Пословни дневник.
„Нашата вила ќе има голема содржина која ќе им биде на располагање на гостите за време на нивниот престој, па поради тоа го распишавме наведениот оглас, за да можеме да бидеме целосно подготвени за новата сезона“, велат сопствениците на вилата, лоцирана на познат хрватски остров.
Од PickJobs велат дека на платформата има многу атрактивни и помалку необични огласи, а причината за тоа, веројатно е шареноликата база на корисници.
Детали за работата
Би се извршувала во рок од седум дена, а содржината којашто треба да се тестира е: кајаци, велосипеди, пин-понг, флипери, теретана, биљард, PS4, трамболина, мрежа при морето, лулашки, лежалки.
Освен наведената содржина, работата вклучува и проверка на чистотата на вилата, тестирање на комплетната функционалност на кујната (тестирање на сите апарати), собите (душеци, клими, ормари), тоалети, дневна соба, машини за перење алишта и дворот. Исто така, треба да се контролира и уредноста на плажата, се оценува домаќинот (лицето кое ги пречекува гостите) и се остава рецензија за корчулската вила.
Идеални кандидати за оваа позиција се: во добра форма, спортски дух, комуникативни, оние кои имаат искуство со видео записи.
Огласот е активен до 23 март, а со пријатава, кандидатите мораат да испратат и кратко видео за тоа како ќе ја распоредат содржината, поточно, каква ќе биде дневната организација. Она што никаде не се споменува е платата.