Последниот ден од неделата, кој многумина планираат да го искористат за опуштање, понекогаш има сосема спротивен ефект на нашето расположение од очекуваното.
Според едно истражување, дури 80 отсто од луѓето се чувствуваат вознемирени поради новата работна недела во недела, а психолозите забележуваат дека тоа може да има различни психолошки и физички последици.
„Бидејќи се релаксираме за време на викендите и поминуваме време во улоги кои ни одговараат, вознемиреноста што ја чувствуваме во недела е најмногу поврзана со излегувањето од тие и враќањето на улогите кои не се во склад со нас самите“, објаснува психологот Ејми Цирбус.
Анксиозноста е „тактика за преживување“ што луѓето одамна ја усвоиле за да можат да размислуваат и да ги избегнат потенцијалните опасности пред да се сретнат со нив. Сега секој ден се соочуваме со многу помала опасност, но тој инстинкт да се грижиме за работите зад аголот сè уште е вкоренет во нас, смета психологот.
Резултатот, се часовите што ги поминуваме во совршено неделно попладне грижејќи се за работните проекти, колегите на работа, раното будење или патување на работа, во време кога можеме и треба да се опуштиме.
Иако искуството варира од личност до личност, некои од емоциите што повеќето луѓе ги доживуваат на крајот на неделата се анксиозност, страв, раздразливост, огорченост, лутина, тага, осаменост и депресија. Неделната анксиозност може да предизвика и физички симптоми како стомачни тегоби, главоболка, несоница или замор.
Психологот советува и неколку чекори кои можат да помогнат:
Испланирајте радосен викенд
Напишете работи во вашиот календар во кои ќе уживате од петок навечер до недела навечер. Тоа може да биде сè, од планинарење, посета на пријатели до одвојување време за читање добра книга.
Почнете да пишувате
Кога сте под стрес или сте загрижени за претстојната работна недела, запишете ги вашите чувства бидејќи за некои, самото признавање на она што се случува им помага да го прифатат тоа.
Направете го понеделникот посреќен ден
Ако купувате ручек еден ден во неделата на работа, на пример, нека биде понеделник, ако еднаш неделно излегувате на пијачка со колегите, направете го тоа во понеделник. Претворете го вашиот прв работен ден во ден на кој се радувате.
Дајте си време за одмор
На телото му треба сон, но му треба и одмор. Многумина работата и продуктивноста ја доживуваат како нешто што треба да трае цел ден, а тоа им предизвикува психичка исцрпеност и физички замор. Затоа е потребно да одвоите време во текот на денот кога нема да правите ништо.
Подгответе се за наредната недела
Ако сакате да носите одредена комбинација на облека, извадете ја и испеглајте ја пред да започне викендот. Исто така, пред да започнете со викендот, размислете што би сакале да јадете на работа следната недела и купувајте намирници на време. Ако се разбудите во понеделник наутро и немате чиста облека, работната недела сигурно ќе ви започне лошо, но ако планирате однапред, тоа ќе ви ја ублажи анксиозноста и ќе ви ја олесни неделата навечер.