Данската влада работи на целосно искоренување на навиките за пушење кај идните генерации и работи на тоа никој роден по 2010 година да не почне да пуши или да користи други никотински производи.
Според владиниот предлог, како дел од здравствената реформа што во Копенхаген ја откри министерот за здравство Магнус Хеунике, одлуката може да вклучи забрана за продажба на тутун и никотински производи на таа генерација.
„Генерацијата без никотин 2010 + ќе биде историска пресвртница во спречувањето на болестите и смртта“, соопшти Министерството.
Овој предлог за здравствена реформа е долго очекуван и е исклучително сеопфатен. Премиерката Мете Фредриксен исто така предложи да се зголеми старосната граница за продажба на алкохол на 18 години.
Во моментов во Данска пиво можат да купат луѓе постари од 16 години, а пијалаци со поголем процент на алкохол може да се купат над 18 години.
Во предлогот владата посочи дека младите од Данска се водечка по конзумација на алкохол во Европа и дека културата на прекумерно пиење има сериозни последици. За предлозите ќе се расправа во парламентот.
извор: kajgana.com