Грција се стреми, како што се приближува летниот период, постепено да ги укинува рестриктивните мерки наметнати од пандемијата, а до Велигден, според најавите од министерот за здравство, се очекува да се олабават низа рестрикции.
Во секој случај, пораките се дека било која мерка што се укинува, од септември можеби да биде потребно одново да се разгледа и евентуално повторно да се воведе.
Минатата седмица беше соопштено укинување на неколку мерки што се однесуваат на казните за невакцинираните граѓани над 60-годишна возраст, на задолжителните селф тестовите, односно тестовите за домашна употреба за учениците и просветните работници и на исполнетоста на стадионите.
Од 15 април привремено ќе се укине административната месечна казна од 100 евра за невакцинираните граѓани кои се над 60-годишна возраст, а мерката, што беше воведена на средината на јануари, одново ќе се разгледа во септември.
Стадионите ќе функционираат со целосна исполнетост, а учениците и вакцинираните просветни работници ќе прават само еден селф тест седмично.
Претходно пак, на почетокот на месецов се укина задолжителната маска на отворено, а од пред десет ден, повеќе не е потребно пополнување на ПЛФ формуларот за патување во Грција.
Ова, засега останува и единствената промена во однос на туристите. Правилата за влез во Грција остануваат непроменети, потребен е документ за Ковид-19, кој исто така важи и за пристап во речиси сите објекти во земјата, без разлика дали се продавници, кафулиња, ресторани, таверни, музеи, археолошки локалитети, кина, театри, спортски објекти итн.
Сепак, како што веќе неколку пати има објавено МИА, сертификатите за вакцинација и прележана болест имаат различно времетраење за патување во земјата и различно за влез во просторите во внатрешноста на Грција.
За патување, сертификатот за вакцинација е со важност од девет месеци по втората доза и без ограничувања по примена бустер доза, потврдата за прележана болест трае 180 дена, а доколку се патува со негативен тест, треба да биде направен 72 или 24 часа претходно, во зависност од тоа дали е ПЦР или рапид.
За оние кои примиле бустер доза нема никакви ограничувања.
Документот поврзан со Ковид-19, речиси секаде во Грција, при влез во објектите, се скенира со специјална апликација, потребен е и документ за лична идентификација, а исклучок се супермаркетите, аптеките, продавниците за храна, бензинските пумпи.
Невакцинираните и понатаму не можат да влезат во затворените простори, а за надворешните делови на угостителските објекти потребно е да имаат негативен тест.
Маската, и понатаму е задолжителна во затворените простори, а постои силна препорака за употреба и на отвоорено доколку постои гужва.
извор: biznisvesti.mk