Високо над бучната Пена, во величествена панорама на планински пејзаж од зелени ливади, раскошни карпи и шумовити водопади, гордо се издигнува грандиозната Шарпланина.
Многумина, уште одамна, со право рекле дека таа е создадена да восхитува.
Францускиот патописец Ами Буе, во своите импресии Шара ја споредил со Пиринеите, а Германскиот истражувач Франц Дофлајн во своите дела посебно место им посветил на нејзините леднички езера.
На целиот масив има околу 40 од кои на македонска страна се 30 – тина, што е сосема доволно Шара да се најде на третото место на Балканскиот полуостров, според бројот на леднички езера, веднаш зад планините Пирин и Рила во соседна Бугарија.
Станува збор за природни езера настанати со топење на мразот од Леденото доба, што завршило пред околу 11 илјади години.
Впечатоците на оние кои го прошетале секое катче на Шара се различни. Секој ја претставува онака како што ја доживува, но кога станува збор за езерата сите се согласуваат дека природата била најдарежлива кога ги создавала Боговинското и Белото езеро.
Нив како најубави ги опишале многумина патеписци, но и научници кои сè уште се обидуваат да го истражат езерскиот еко-систем.
Според мерењата, Боговињско езеро е најголемо, а веднаш зад него се Црното и Караниколичкото езеро.
Боговињското езеро се наоѓа во близина на врвот Бориславец. Лежи на надморска височина од 1.936 метри, а има површина од 66.800 m2. Неговата широчина изнесува 225 m, а должината е околу 450 m. Најголемата длабочина е 5 метри.
Езерото се напојува од неколку извори, а во него се влеваат и водите од Боговинска река, која потоа продолжува кон селото Боговиње. Тоа лежи во карпест предел. Некогаш било двојно поголемо, но неговата површина се намалила со таложење на атмосферски наноси.
Дополнителна закана е и глобалното затоплување и пресушувањето на подземните извори.
Во истиот појас, на надморска височина од 2.208 метри, се наоѓа и Белото езеро. Има елипсовидна форма и постојан водостој. Се протега на површина од 18.000 m², а лежи во карпест басен опколен со широки пасишта. Во езерото се влеваат неколку потоци од кои еден продолжува и до Боговињска река.
Покрај тоа што убавината на овие езера привлекува алпинисти и вљубеници во природата, ендемските видови што ги населуваат нивните води се предмет на испитување на голем број еколози и биолози.
Според заситеноста со хранливи материи езерата може да бидат олиготрофни, мезотрофни или еутрофни.
Првите, во кои се вбројува и Белото езеро, се карактеризираат со ниска содржина на хранливи супстанции. Еутрофните се води со висока концентрација на растворени хранливи состојки, додека мезотрофните се наоѓаат помеѓу двете споменати биолошки средини.
Автентичноста и опстанокот на растителниот и животинскиот свет во водите зависи токму од одржувањето на степенот на хранливи состојки во него.
Поточно, секое поместување на концентрациите на хранливи материи значи изумирање на едни и создавање на други растителни и животински видови.
Токму тоа е сериозната опасност за која последниве неколку години експертите сè погласно предупредуваат.
Опстанокот на ледничките езера е сериозно загрозен. Едноставно речено, животот на ледничките езера на Шара постепено згаснува.
Со наталожување на еродирани почвени честички и органска материја, овие езера стануваат поплитки, а за тоа придонесува и намалувањето на количеството на врнежи.
Во анализата на климатските влијанија во Македонија, која е содржана во „Вториот национален извештај кон Конвенцијата за климатски промени“, во наредниот век претстојат зголемувања на летните и зимските температури од 2 дури до 5,5 целзиусови степени.
Годишните количества на атмосферски врнежи ќе се намалуваат за 6 до 26 проценти, особено во текот на летата. Експертите предупредија дека водните екосистеми, меѓу кои и ледничките езера на планините, ќе бидат најсилно изложени на ваквите промени.
Според Републичкиот хидрометеоролошки завод на Македонија температурите и врнежите во периодот од 1961 до 2000 година покажуваат тренд на слаб пораст на просечните годишни температури, особено во периодот од 1971 до 2000 година, во речиси сите анализирани региони во Македонија.
Најзначајни промени, односно намалувања на атмосферските врнежи, се забележани токму во планинските региони на Маврово и Попова Шапка.
Како резултат на сушните периоди длабоките зони кои ги контролираат физичките и хемиските својства на водата исчезнуваат. Езерата зараснуваат со вегетација и по одредено време целосно ќе исчезнат.
Овој процес дополнително го забрзуваат и луѓето со несоодветно поставените бачила, чии отпадоци и отпадни води се слеваат директно во езерата.
Надојдената содржина изобилува со материи кои се храна за алгите и го поттикнуваат нивниот раст. Како резултат на забрзаното растење тие најпрвин ќе ја прекријат површината на водата и ќе се спречи продор на сончеви зраци во долните слоеви.
Големите концентрации на хранливи материи стимулираат и масовно цветање на алгите, период после кој доаѓа до интензивно распаѓање на големи количества цвет.
Бактериите кои се вклучени во процесот на распаѓање црпат големи количества кислород, предизвикувајќи негово намалување во долните слоеви на водата, што негативно влијае врз другите организми во езерото.
На тој начин рамнотежата на екосистемот потполно се нарушува. Фактор за уништување езерскиот екосистем дополнително е порастот на просечните температури и намалувањето на дождовите.
Со најсериозна закана по својот опстанок се соочува Боговинското езеро. Во неговите води директно се слеваат отпадни водени текови од блиското бачило кои предизвикуваат презаситеност на системот со материи што активираат забрзан раст и цветање на алгите.
Единствен начин да им се помогне на македонските планински очи е преку намалување на деструктивното дејствување на човечкиот фактор. Така би можело во одреден степен да се амортизира влијаењето на климатските растројства врз нивниот екосистем.
Алармот е вклучен. Останува отворено прашањето дали езерата, кои што успеале да опстанат илјадници години и овој пат ќе излезат посилни од заканата за нивното постоење.