Сентурипе, мал град сместен во ридовите на Сицилија, кој е познат како „балконот на Сицилија“ поради прекрасните погледи над Етна, но малкумина знаат дека од воздух овој град изгледа како силуета на човек.
Пио Андреа Пери, 32-годишен локален фотограф, неодамна го искористил својот дрон за да го сними уникатниот облик на малиот град Сентурипе од небото. Откако тој го открил овој необичен облик на својот град за прв пат додека пребарувал на Google Earth, Пери решил да го земе својот дрон и сам да го провери овој факт.
Тој бил толку изненаден од она што го видел на својот монитор што направил неколку фотографии и ги споделил на социјалните мрежи, каде тие веднаш станале вирални. Од прав агол, Сентурипе изгледа како силуета на личност со испружени раце и нозе.
„Целиот свет беше во неверување за формата на овој град, La cittadina di Centuripe, многумина не веруваа дека е вистина и мислеа дека фотографијата сум ја нацртал на компјутер“, изјавил италијанскиот фотограф.
Пио изјавил дека било тешко да се направи една снимка, па така морал да користи повеќе снимки поради ограничувањето на висината на дронот. Рачно склопил околу 18 кадри во постпродукција и два часа монтирал, но на крај бил презадоволен од неговиот резултат.
Откако воздушните фотографии на Пио од Сентурипе почнале да привлекуваат меѓународно внимание, градоначалникот го поканил локалниот уметник да организира изложба и да ја претстави својата работа.