Канадските власти најавија дека две години ќе им забранат на странските инвеститори да купуваат недвижен имот, со цел да ги намалат цените на куќите во државата и да им овозможат на своите граѓани полесно да добијат „покрив над глава“.
Во најавата за годинешниот буџет, министерката за финансии Кристиа Фриланд вклучи низа мерки насочени кон борба против рекордните цени на недвижностите во Канада. Имено, цените на недвижностите во таа земја минатата година се зголемија за над 20 отсто, а значително се зголемија и цените за изнајмување.
Владата најави двегодишна забрана за купување недвижен имот за странци, како и повисоки даноци за оние што продаваат куќа или стан во рок од една година по купувањето. Двете мерки не се однесуваат на некои исклучоци, како што се странски државјани со постојан престој и за странски студенти.
Во буџетот, исто така, се предвидени милијарди канадски долари за нови станови и мерки за помош на Канаѓаните кои се обидуваат да дојдат до својата прва недвижност, вклучително и нова штедна книшка и промена на даночната политика при купувањето прва куќа.
извор: biznisinfo.mk