Бил Гејтс во интервју за "Mirror" рекол дека смета дека најдобрата возраст во која децата би можеле да бидат подготвени да поседуваат мобилен телефон е 14 години. Потврдил дека на своите деца им дозволувал користење на телефон до одреден период од денот, по што им го одземал, сметајќи дека тоа им помага навечер да заспијат во разумно време.
Исто така смета дека мобилниот не треба да биде дозволен додека се седи на маса, но дека смее да се користи при пишување на домашна задача или при учење.
Според извештајот "Kids & Tech: The Evolution of Today's Digital Natives" од 2016-та година, просечната возраст во која детето го добива својот прв паметен телефон е околу 10,3 години. „Мислам дека таа возраст со текот на времето ќе се промени бидејќи родителите се уморни од давање на паметни телефони на своите деца“, рекла за "New York Times" Стејси ДеБроф, извршна директорка на "Influence Central".
Џејмс П. Стејер, извршен директор на "Common Sense Media", непрофитна организација која рецензира содржини и производи за семејства, дополнително рекол за "Times" дека и тој има едно строго правило за своите деца кога станува збор за мобилните: тие можат да добијат телефон кога ќе тргнат во средно училиште и кога ќе докажат дека можат да се контролираат. „Не постојат две исти деца и не постои магичен број“, рекол тој. Возраста на децата не е толку важна како нивната одговорност или зрелост.
Ова се некои од прашањата на кои родителите треба да одговорат пред на своето дете да му го дадат првиот телефон:
- Колку се децата независни?
- Потребно ли е вашите деца да имаат мобилен телефон поради одржување на контакти од безбедносни причини или тие причини се само од општествена природа.
- Колку се вашите деца одговорни?
- Можат ли да се носат со ограничувањата во вид на минути разговор или преземени апликации?
- Може ли да им се верува дека нема да го користат телефонот во текот на наставата?
- Дали навистина им е потребен паметен телефон, кој воедно е нивен музички уред, уред за гледање филмови, играње игри и пристап на интернет?
- Дали сте подготвени на трошоците кои доаѓаат со тој чекор?