Електричен автомобил на Mercedes-Benz AG помина повеќе од 1.000 километри од Германија до француската ривиера со едно полнење на батеријата и ја измести Tesla од центарот на вниманието во технолошкиот натпревар.
Прототипот EQXX го помина растојанието од Синделфинген во близина на Штутгарт преку Швајцарија и Италија до медитеранското пристаниште Касис, соопшти автомобилскиот гигант во четвртокот. Лесната шасија и аеродинамичниот профил на седанот му овозможија да го заврши патувањето со двојно поголема батерија од главниот електричен модел на Mercedes – EQS.
EQXX е „најефикасниот Mercedes некогаш направен“, изјави извршниот директор Ола Калениус. „Технологијата зад него означува значајна фаза во развојот на електричните автомобили“.
Mercedes планира да инвестира 60 милијарди евра до крајот на 2026 година за да ја замени Tesla и да ја врати титулата најпродавана марка на луксузни автомобили од конкурентот BMW AG. Компанијата има за цел да продава само електрични автомобили до крајот на деценијата и планира да основа осум фабрики за батерии со партнери.
Откако со години беше критикуван за доцното вклучување во производството на електрични автомобили, германскиот производител се истакна минатата година со воведувањето на моделот EQS, кој може да се пофали како возило, кое поминува најдолги растојанија во индустријата. Mercedes ја продолжува својата трансформација оваа година со целосно електричниот седан EQE и спортскиот модел EQB. Сепак, Tesla и понатаму е лидер во продажбата на електрични автомобили.
Мерцедес со EQXX се обидува да покаже дека може да ја подобри технологијата на американската компанија. Прототипот го помина растојанието со брзина која на моменти достигнуваше 140 км/ч и сепак имаше полнење од 15% на крајот од патувањето. Батеријата на автомобилот вклучува нова хемиска технологија создадена со помош на експерти од одделот за Формула 1 на Mercedes-AMG. Според планот, овие ќелии треба да се користат во компактните автомобили на Mercedes до 2024 година.
Mercedes го скрати времето на развој на моделот EQXX за 18 месеци. Моделот беше готов во рок од 40 месеци откако физичките тестови и произведените делови беа заменети со симулации и дигитални алатки. „Модерните автомобили треба да се изработуваат за помалку време за да не изгледаат заостанати кога се претставуваат пред клиентите“, изјави главниот директор за развој на Mercedes, Маркус Шефер.
„Мораме да бидеме во чекор со најновиот софтвер и технологија, а ова е индустрија која многу брзо се менува“, рече Шефер во интервјуто. „Треба да бидеме побрзи во нашиот развој, многу побрзи од порано“, додаде тој.
извор: biznisinfo.mk