Кевин Берлинг од Кентаки добил 450.000 долари отштета откако го тужел својот работодавец затоа што му организирал забава по повод неговиот роденден.
Имено, Кевин работел во медицинската лабораторија „Gravity Diagnostics“. На својот работодавец и колегите им рекол дека не сака роденденски изненадувања бидејќи има панични напади во такви моменти, но тие не ја испочитувале неговата желба.
Компанијата му организирала забава, а Берлинг, очекувано, доживеал паничен напад и отишол да го јаде својот оброк во автомобилот со цел да се смири. Шефот следниот ден му рекол дека „се однесува како мало девојче“ и дека им го упропастил расположението на колегите.
Набргу потоа Берлинг добил отказ. Случајот завршил на суд бидејќи Берлинг смета дека бил дискриминиран поради неговата психичка состојба и дека не му било овозможено работа во безбедно опкружување.
Судот одлучил да му додели 150.000 долари за „изгубена плата“ бидејќи бил отпуштен и 300.000 долари за „нанесена душевна болка, понижување и губење на самодовербата“.
Ова дефинитивно било роденденски подарок на кој Берлинг не се надевал, а од „Gravity Diagnostics“ сè уште не се огласиле.