Електричниот тротинет е најнебезбедното превозно средство, заклучиле научниците по анализа на 36 милиони медицински белешки.
Истражувачите од Универзитетот Калифорнија во САД во своето истражување се фокусирале на безбедноста на индивидуалниот превоз. Тие со помош на компјутерска програма анализирале 36 милиони медицински белешки од 180 клиники и болници, настанати во периодот од 14 јануари 2014 до 14 мај 2020 година.
Програмата барала описи на повреди, клучни зборови и „учела“ нови поими. На крајот било можно да се подготви извештај кој не остава никаков сомнеж за тоа кое превозно средство треба да го изберете за безбедно да стигнете до вашата дестинација.
Во проучуваниот примерок на медицински институции, евидентирани се 1.354 пријави за повреди здобиени при возење на електричен тротинет. Тоа е во просек 115 повреди на милион патувања, но има еден детаљ кој вреди да се забележи.
До 2018 година, односно до наглиот раст на популарноста на електричните тротинети, просекот на настани бил околу 13 годишно. Во 2018 година веќе имало 592 повредени лица, а во 2019 година 672.
Според бројот на несреќи, електричните тротинети дури ги претркале и мотоциклите (во просек 108 повреди на милион патувања), кои претходно се сметаа за најопасно превозно средство.
Велосипедот е значајно побезбедно транспортно средство, со 15 повреди на милион патувања. Сепак, неприкосновен лидер во безбедноста во индивидуалниот транспорт е автомобилот – само 8 повреди на милион патувања.
Зошто електричниот тротинет е толку опасен?
Како што се наведува, го користат луѓе кои помалку ги познаваат сообраќајните прописи (во споредба со, да речеме, мотоцикл), а многу од нив дополнително возат под влијание на разни стимуланси „бидејќи станува збор само за тротинет“.
Понатаму, многу корисници на електрични тротинети немаат вештини кои ги дефинираат како возачи. За да возите автомобил, мора да положите возачки испит и да имате минимално знаење за тоа како функционира патниот сообраќај.
Исто така, електричните тротинети главно се возат без кациги, па ризикот од сериозни повреди во случај на несреќа значително се зголемува.
Освен тоа, тротинетите забрзуваат многу брзо, па дури и оние со ограничена брзина на 25 км/ч. можат да ве изненадат со своите перформанси.
Малите тркала, возраста на возачот, алкохолот, дрогата и несреќите се неизбежни…