Сончогледовите полиња низ земјава се реткост, во рок од три децении производството на сочоглед на македонските ниви е намалено за десет пати.
Деканот на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Љупчо Михајлов, вели дека според податоците на Државниот завод за статистика најголем рекорд на засеани површини имало во 1989 година, кога под оваа култура биле покриени 46.000 хектари, а во 2014 година само 4.000 хектари.
Овчеполскиот регион освен житните култури го красеа и полињата со сончоглед, но поради немање квалитетно наводнување во текот на летните месеци земјоделците се откажаа од негово одгледување.
– Поради различните услови за производство на површините, каде што се нема постојано залевање со вода е многу ризично производството. Минималниот принос е во 1990 година, кога имало 470 килограми по хектар и во 209 и 2010 година се постигнати максимални приноси од 1.800 и 1.900 килограми по хектар. Гледате колкав е тоа дијапазон на различност на приносите. Можеби може да се поправи ситуацијата, но со преземање одредени мерки, што претставуваат и најголем проблем во производството на сончоглед во сушни услови, а тоа е правилен избор на хибриди, правилен избор на рокови на сеидба, потенцира Михајлов.
Според него, земјоделците треба да се насочат кон порани рокови на сеидба на сончоглед, бидејќи, како што вели, ова растение издржува и пониски температури. Негов совет е сончогледот да се сее на почетокот на март, а земјоделците да изберат хибриди со висок потенцијал на родност.
– Општопознато е дека сончогледот не може да се одгледува повеќе години на исто место, треба барем три години да поминат, минумим, за да се повторно врати на иста површина. Ние знаеме дека нашите површини над половината се расцепкани во индивидуалниот сектор, мали се и не се големи и тоа би можело да биде една од мерките, кои би придонеле кон подобрување на состојбата со зголеменото производство на сончоглед, вели Михајлов.
Забележува дека друг проблем во Овче Поле се птиците, кои прават големи штети и придонесуваат дополнително врз намалување на приносите, иако земјоделците прават сè и ги применуваат сите агрохотехнички мерки за негово одгледување.
– Во светот се водат истражувања и решавања на тој проблем, дали преку поставување аудиовизуелни одбивачи на птиците, како што се пропански топови, потоа разни плашила на птици, но сепак дополнително тоа не го решава проблемот во целост. Исто така се оди и на хибриди, кои имаат дебела лушпа, подлабока поставеност на зрното во главата, но од друга страна не дава многу економски ефекти, односно масленост на сончогледот, бидејќи повеќе се одгледува масло, отколку за ќуспе, додаде Михајлов.
Посочува дека за разлика од Овчеполскиот регион предност за одгледување сончоглед треба да му се даде на Пелагонискиот регион, поради постигнувањето на повисоките приноси.
– Таму агроклиматските услови се поповолни, повисоки потпочвените води. Сончогледот знаеме дека има подлабок коронов систем и може да ја црпи водата од потпочвените слоеви. Но, Овчеполието, повторно ќе нагласам, е доста ризично за производство на сончоглед, иако се зголемени субвенциите во програмата, колку што можев да видам за 2022 година и се даваат некаде околу 14.400 денари по хектар за производство на сончоглед, плус дополнителни над 5.000 денари, ако се постигне принос повисок од 1.500 килограми по хектар. Тоа за овчеполски услови е тешко да се постигне, рече Михајлов.
Македонскиот сончоглед задоволува околу осум отсто од потребите за производство на зејтин
Пред зголемување на трошоците за сеидба и на репроматеријалите рентабилно производство на сончоглед изнесувало 1.000 килограми по хектар, а сега со новите цени земјоделците мора да имаат над 1.300 килограми по хектар, за да си ги покријат трошоците. Решението за зголемување на површините под сончоглед го гледа во изградба на нови системи за наводнување, постојана реконструкција на постојните системи, здружување на посевите на земјоделците.
Прашан дали во Овче Поле има можност за производството на други маслодајни растенија, Михајлов предност му дава на производството на ленот, кој успешно се вклопува во плодоред со житните култури, има кратка вегетација и нема потреба од поголеми количини вода. Но, за маслодајната репка, која дава приноси пак, потрошувачите не се навикнати да го користат овој тип масло.
– Сончогледот е број еден во одгледувањето, заради традиционалните навики на потрошувачите, на населението, еве чисто за споредба ако Русија, Украина и Бразил се првите три земји најголеми производители, а од нашите соседи Србија е на 16, Бугарија на 10 место. Ако една Русија произведува 6.500.000 тони годишно, Србија произведува 700.000 тони годишно, а ние произведуваме максимум 5.000 тони сончоглед и тоа е неспоредливо и можеме да задоволиме само од 8 до 9 проценти од сопствените потреби. Значи ние сме зависни од увоз на сончоглед, без разлика дали како зрно, сурово масло или како готов производ, истакна Михајлов.
Производството на храна приоритет во услови на криза
Производството на храна на македонските ниви е приоритет во време на економска криза, но и поради конфликтот меѓу Украина и Русија, најголемите производители на сончоглед и на житни култури на европскиот континент. Рафтовите со масло за јадење и брашно изминатиот месец се празнеа, а цените вртоглаво растеа, со увозот од соседна Србија се очекува стабилизација на цените на овие прехранбени продукти. Најголемата македонска фабрика за производство на масло за јадење „Брилијант“-Штип, која е дел од компанијата „Витаминка“, користи сурово масло за јадење, до пред кризата суроовината ја увезуваше од соседна Србија, а сега трага по нови пазари.