Родителите во Италија во иднина ќе можат слободно да одлучуваат дали на своите деца ќе им го дадат мајчиното, татковото или двојно презиме.
Досега во оваа земја беше задолжително на новороденчето да се дава татковото презиме, ако е признаено од таткото. Со заедничка пријава, мајчиното презиме можеше да се додаде на татковото и се ставаше зад него.
Во Италија жените го задржуваат своето презиме откако ќе стапат во брак, што значи дека мајките досега во повеќето случаи се презиваа поразлично од нивните деца.
Но, оваа правна норма ги крши членовите на италијанскиот устав, како и Европската конвенција за човекови права, соопшти судот во пресуда објавена вчера. Родителите во иднина ќе можат слободно да одлучуваат кое презиме ќе го носи нивното дете. Нацрт законот е веќе доставен до парламентот.
Во иднина, ако родителите не се произнесат за презимето на детето, тоа автоматски ќе ги добие и двете презимиња од родителите, а не само татковото како што беше случај досега.
Според поддржувачите на промените за овој закон станува збор за „историска пресуда“, мала револуција и понатамошен чекор кон еднаквост на мажите и жените.