На 22 јуни 1979 година, јапонската компанија Сони повика група новинари во паркот Јојоги во Токио и им даде в раце мали уреди поврзани со слушалки. Откако ги вклучија, имаа и што да слушнат: се роди преносен касетофон, наречен „Вокмен“. Иднината на омилениот „геџет“ за патувања штотуку започна…
Неполни две недели подоцна уредот се најде на полиците на продавниците во Јапонија.„Играчката“ ја популаризираше касетата, развиена 15 години порано од холандскиот производител „Филипс“ и стана еден од синонимите на ерата на преносни музички уреди со слушалки од осумдесеттите.
Идејата се родила од страна на коосновачот на Сони, Масару Ибука, кој официјално се повлекол од фирмата во 1976 година, но продолжил да работи како консултант. Во февруари 1979 година, тој упатил барање до раководните лица да создадат уред, лесен за носење, што ќе му овозможи да слуша опери додека патува со авион. За инженерите во Сони барањето не било комплицирано. Извршниот директор, Козо Осоне, само го адаптирал уредот за снимање, што Сони им го нудел на новинарите и го направил прототипот на Вокмен.
Уредот бил наменет за тинејџерите, па истиот требало да биде евтин. За да оствари профит, Сони морало да продаде 30.000 уреди. Два месеца од почетокот на продажбата, сите залихи се потрошиле. Компанијата иако имала намера да го претстави Вокмeн на странските пазари во септември 1979 година, се откажала од тој план посветувајќи го производството кон домашната побарувачка.
Ова го направило Вокмен уште повеќе посакуван во другите земји. Секогаш кога извршните директори на Сони заминувале во странство, на колегите и пријателите им носеле по неколку парчиња.Не требало да помине долго време преносливиот уред да го преплави светскиот пазар. За време на производството, кое траело до 2010 година, Сони продал околу 385 милиони единици.
Но, вокменот не го прифаќаше секој. Јапонскиот професор Шухеи Хосокава го обвини Сони дека го расипува квалитетот на животот и го менува имиџот на градот. Изолирани од музиката, луѓето би биле исклучени од надворешниот свет, оцени професорот кој често пати пишувал на оваа тема.
Без оглед на влијанието на Вокман врз општеството, овој преносен уред ги одбележа 80-тите години на минатиот век. Веројатно многумина од нас сè уште сентиментално го чуваат својот омилен гаџет од детството.