Дали мислите дека цените на личните документи се високи во Македонија? Во редовна постапка за пасош во Македонија ќе платите 1.800 денари, а во итна постапка 4.800 денари. Тоа е и до 12 пати помалку од цената на најскапите пасоши во светот.
Јапонците за изработка на пасош треба да платат 16.000 јени или околу 7.500 денари, а Новозеланѓаните 191 новозеландски долар или околу 7.000 денари. Пасошот во Велика Британија чини 75,50 фунти или околу 5.400 денари, јавува Си-Ен-Ен. Цените се однесуваат за редовните постапки.
Граѓаните на САД кои за прв пат издаваат пасош мора да издвојат 165 долари или околу 9.600 денари. Цената е околу 30 долари помалку кога станува збор за обновување на постоечки пасош.
Австралискиот пасош кој трае 10 години, пак, чини 301 австралиски долар или 12.000 денари, што е сепак поевтино од пасошот во Лихтенштајн кој достигнува 250 швајцарски франци или околу 14.600 денари.
Иако сирискиот пасош е на дното на листата на најмоќни пасоши во светот според индексот за пасоши, тој е еден од најскапите. Во 2015 година неговата цена порасна на неверојатни 23.200 денари во редовна постапка и 46.500 денари во итна постапка.
Во Либан треба да се издвои неверојатна сума од 1,2 милиони либански фунти или 46.300 за пасош со важност од 10 години. Цената е половина од цената на пасошот кој важи само пет години и изнесува 600.000 либански фунти или околу 23.000 денари.