Британскиот ученик Мек Радерфорд вчера слета во Најроби, Кенија, како дел од африканската етапа во неговиот потфат да стане најмладиот човек кој сам го прелетал светот.
- Се надевам дека ова патување ќе ги инспирира младите луѓе да ги следат своите соништа, рече Радерфорд по симнувањето од неговиот ултралесен авион на аеродромот „Вилсон“ во кенискиот главен град.
Патувањето на Мек, кој има 16 години, почна од аеродромот близу бугарската престолнина Софија во март и тој се надева дека ќе го исфрли од Гинисовата книга на рекорди актуелниот рекордер, неговиот сонародник Тревис Ладлоу. Производителот на авиони „Шарк аеро“ го нарече патувањето премногу опасно и одби да го подржи проектот на Радерфорд.
„Мек без сомнение е вешт пилот. Сепак, не сакаме да ја спуштиме старосната граница на најниска можна точка за летање каде што е невозможно да се исклучи одреден ризик“, соопшти компанијата.
Радерфорд на пат ќе посети уште четири земји од Африка и Индискиот Океан, потоа ќе се упати кон Блискиот Исток, Азија и Северна Америка и на крајот ќе се врати во Европа.
Мек Радерфорд е од семејство пилоти и првпат „ја презел командата“ како седумгодишно дете, седејќи до својот татко. На 15 години беше најмладиот пилот на светот, а сега ги следи стапките на својата постара сестра Зара, најмладата авијатичарка што го прелетала светот на 19 години.