Продажбата на електрични автомобили во светот, вклучително и целосно електрифицирани и „plug-in“ хибриди, се удвои во 2021-ва година, достигнувајќи нов рекорд од 6,6 милиони, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за енергетика (IEA).
Кина имаше удел од една половина од вкупната светска продажба на електрични автомобили со 3,3 милиони единици, додека продажбата во Европа се зголеми за 65% до 2,3 милиони во минатата година.
Минатогодишниот голем пораст на продажбата се припишува на континуираната политика на субвенции „на многу пазари, каде вкупниот износ на државни стимуланси во минатата година се удвои на речиси 30 милијарди долари“, соопшти „IEA“.
Во согласност со политиките за заштита на животната средина, се поголем број земји имаат амбициозни цели за електрифицирање на возилата во наредните децении, а многу автомобилски компании планираат огромни инвестиции за целосна транзиција кон производство на електрични автомобили.
И покрај скокот во продажбата, „на краток рок, најголемите пречки за продолжување на силната продажба на електрични возила се зголемувањето на цените на некои клучни минерали потребни за производство на батериите, како и прекините во синџирот на снабдување предизвикани од нападот на Русија врз Украина и долгорочното затворање поради Ковид-19 во некои делови на Кина.
На долг рок, потребни се поголеми напори за да се развие доволна инфраструктура за полнење на електричните возила за да се исполни очекуваниот раст на продажбата, се заклучува во извештајот на меѓународната агенција.