Наскоро Кинезите ќе почнат со изградба на линијата за тестирање за најбрзиот воз на светот кој треба да се движи и со поголема брзина од 1000 километри на час.
Од локалната управа рекоа дека се изведуваат подготвителните работи во местото Датонг, во севернокинеската провинција Шнаси.
Од таму велат дека овој најнов развој го означува континуираниот подем на Кина како глобален лидер во технологијата и производството на брзи железници.
Откако во прототип фазата мина повеќе од една година, минатиот месец во Кингдан во источната кинеска провинција Шандонг, беше пуштен во производство и првиот воз Маглев кој се движи со 600 километри на час.
Оваа линија за тестирање е дел од лабораториската работа за проектот за брз воз со магнетна левитација со низок вакум. Во исто време, линијата ќе обезбеди тест платформа за клучна технологија за магнетна левитација со низок вакум за ултра брзи возила кои можат да се движат побрзо и од авионите, со брзина од околу 800 километри на час.
Првата фаза од проектот ќе опфати линија од само два километри, која треба да биде завршена до крајот на јуни 2022 година. Инсталирањето на опремата и тестирањето ќе започне во јули 2022 година. Уште една пробна линија од 15 километри ќе биде изградена во рок од две години.
Целиот план предвидува железница од 60 километри, според информациите за проектот објавени во средината на јуни на веб-страницата на општинската управа на Датонг.
Брзиот воз со мала вакуумска магнетна левитација користи технологија на суперспроводлива магнетна левитација, како би го прекинал контактот со земјата и би го елиминирал отпорот на триење, со цел да постигне брзини и над 1.000 километри на час.
„Маглев и хиперлуп системите се само дел од новата ера на транспортот. Потребна е рута од најмалку 50 километри за тестирање на различни аспекти, вклучително и самото возило, како и сигналите, командните системи и рутините“, рече за Global Times, инженерот за транспорт и железници Ванг Дашуи.
Додека аналитичарите велат дека тешко е да се предвиди која земја може прва да управува со возот Маглев со брзина од 1000 километри на час, попрактично е таквите системи да се направат попрофитабилни во Кина отколку во САД.
Тоа е затоа што Кина има огромна популација и цврсти темели во железница и транспорт. Според тамошното Министерство за транспорт, Кина ја има најголемата светска железничка мрежа која покрива 38.000 километри и која може да опслужи 95 отсто од градовите со повеќе од еден милион жители. На неа исто така можат да се развиваат огромни брзини.
Во истражување и развој Кина поседува 43,52 % од светските патенти за маглев, што е на прво место и значително над Јапонија која е со 20,57 %, според извештајот испратен до „Глобал Тајмс“ од давателот на услуги за податоци за интелигентни средства PatSnap.
Возовите Маглев се иднината и многу земји од Јапонија до Германија планираат да изградат железничка мрежа за нив. Во моментов ваквите акции се попречени од високите трошоци за ваква технологија и неусогласеноста со постојната инфраструктура.
Кинеските дизајнери се надеваат дека следната генерација ќе достигне дури 800 километри на час, а сегашниот тип на воз користи само една педесеттина од потрошувачката на системот со течен хелиум.