Одржувањето контакт со поранешните соработници е од голема важност, затоа што тие можат да ви овозможат одговори на најразлични прашања и да ви дадат препораки. Постојат неколку начини кои ќе ви помогнат да останете во контакт со поранешните колеги.
Поврзете се уште додека работите заедно
Полесно е да го задржите стариот муштерија отколку да најдете нов. Истото важи и за соработниците. Многу е полесно да го задржите постоечкиот професионален однос отколку да започнете сè од почеток. Затоа, обидете се да остварите добри односи со соработниците додека сè уште работите заедно.
Не секој соработник ќе ви биде пријател и во приватниот живот. Но, целта не е со сите колеги да имате само строго професионален однос, туку и да им оставите добар впечаток, за да се сеќаваат на вас и на времето кога сте работеле заедно, откако сте си заминале од фирмата.
Социјалните мрежи не се место само за споделување на уникатни мисли, туку и за поврзување на соработниците и размена на професионални мислења. Мрежите како Фејсбук и Твитер се одлични за одржување на контактите со поранешните соработници. Лесно може да ги продолжите контактите со помош на виртуелното спријателување и следењето на активностите.
Направете список на поранешни соработници и пронајдете ги на социјалните мрежи. Коментирајте ги нивните постови и активности, а секоја недела одберете неколку од нив кои ќе ги исконтактирате телефонски. На тој начин од нив може да очекувате препораки кои ќе ви бидат од голема корист.
Дали познавате личност која не се интересира за никој, сè додека не ѝ биде потребна некоја услуга? Немојте да бидете таква личност. Комуницирајте редовно, но не претерувајте. Бидете сигурни дека најголемиот дел од вашата комуникација има некаква вредност за поранешниот соработник. Доволно е да споделите некоја информација со него, да му го честитате роденденот, да го прашате како е или едноставно да го насмеете.
Гледајте се повремено
Виртуелната комуникација со поранешните соработници е добра, но нема ништо подобро од директната комуникација лице в лице. Обидете се да се гледате со поранешните соработници колку што е можно почесто. Присуствувајте заедно на разни настани, организирајте забава на која вие ќе бидете домаќин или најдете некое заедничко хоби кое ќе ве зближи.
Помогнете
Размислете како можете да им помогнете на поранешните соработници. Ова не подразбира само професионална помош, туку и приватна, ако е потребно. Помагањето не треба да ви претставува тешкотија, ниту да ви одзема многу време. Најважно е вашите поранешни соработници да знаат дека им стоите на располагање и затоа треба да останете во контакт. Така тие ќе ви ја вратат услугата кога вам ќе ви биде потребно. Дури и да не се случи тоа, барем ќе знаете дека треба да се фокусирате на други луѓе.
извор: kafepauza.mk