„Tesla“ најави отпуштање на околу 200 луѓе кои работеле на системот за автономно возење
Според неименувани извори, „Tesla“ ќе го намали бројот на луѓе во развојниот тим на автопилотот во објектот на компанијата во Калифорнија.
Повеќето од отпуштените работеле привремено и биле платени по час, велат за медиумите луѓе од фабриката кои не сакале да го откријат идентитетот.
Илон Маск, извршен директор на „Tesla“, минатата недела ги објави плановите за отпуштање на 10 отсто од вработените со полно работно време, но и за отворање повеќе работни места по час. Тимовите вработени во Сан Матео се ангажирани во оценувањето на податоците за возилата на корисниците на функцијата „Autopilot Drive Assistance“.
Многу од членовите на тимот се специјалисти за обработка на податоци и сите тие позиции се платени на час, вели еден неименуван извор.
Вкупно, околу 200 работници се отпуштени, а претходно таму работеле околу 350 луѓе, иако некои во последните недели се префрлени во блиските погони на „Tesla“.
„Tesla“ допрва треба да коментира за ова прашање, а компанијата со седиште во Тексас има околу 100.000 вработени ширум светот. Илон Маск непријатно изненади многу работници претходно овој месец кога објави дека отпуштањата ќе бидат неопходни во оваа нестабилна економска средина.
Во интервју за „Bloomerg“, тој изјави дека околу 10 отсто од постојано вработените ќе останат без работа во следните три месеци, но дека до крајот на годината би можеле да се вработат уште повеќе работници.