По периодот на пандемијата, Грција широко ги отвори вратите за туристите. Но, новата сезона донесе и поскапување во баровите на плажа.
Забележлива е нова тактика на сопствениците на барови на плажа во околината на Солун и на подрачјето на Халкидики. Се обидуваат или да воведат обврска за изнајмување лежалки или задолжителна минимална потрошувачка. Сето ова предизвикува незадоволство и кај туристите и кај локалните жители.
На полуостровот Касандра, кој е првиот огранок на Халкидики, каде што има многу барови на плажите и каде што жителите на Солун обично доаѓаат за викенд патувања, во голема мера е усвоена тактиката на задолжителна минимална потрошувачка. Цените варираат во зависност од положбата на лежалките.
Минимум трошење од 50 евра е задолжително, доколку се работи за комплет од две лежалки и чадор за сонце веднаш до море. Таа бројка се намалува во зависност од редот во кој се сместени лежалките. На пример, ако се работи за втор ред лежалки, потребна е минимална потрошувачка од 10 евра.
Со други зборови, ако двајца се на лежалки покрај море и ако нарачаат само две кафиња, на тие плажи ќе им се наплаќа 50 евра, пишува грчкиот портал „Ворија“.
Сопствениците на други објекти ја применуваат тактиката на наплата на лежалки, без разлика колку пари ќе потроши посетителот во таа прилика. Во нив цените варираат во зависност од површината на барот на плажа и услугите што ги нуди. Но, во ексклузивните локали на Халкидики цената на изнајмување лежалки достигнува до 30, 40, па и 50 евра, најмногу за оние кои се наоѓаат во непосредна близина на море.
На полуостровот Ситонија преовладува плаќањето за лежалки, дури и таму каде што нема барови на плажа, но локалното население има можност да ги обезбеди. Иако има исклучоци, повеќето сопственици на барови на плажа во овој дел на Халкидики годинава практикуваат да наплаќаат комплет од две лежалки и чадор по цена од шест до осум евра.
– За се е виновно поскапувањето на струјата – тврдат сопствениците на барови и ресторани на грчките плажи. Иако причината ја наоѓаат и во постојаното зголемување на цените на суровините што ги користат.
– Лично сметам дека е поправедно моите гости да се придржуваат до политиката за задолжителна минимална потрошувачка отколку да доплаќаат за лежалки – изјави сопственикот на бар на плажа на полуостровот Касандра, додавајќи дека „на крајот ова носи ризик да заработиме само 100 евра дневно, што е премалку во однос на обврските што ги имаме“.
За гореспоменатиот грчки портал, Апостолос Каратанасис, претседател на Здружението на млади ресторани на Мудања, рече:
– Сопствениците на ресторани долго време се обидуваат да ги намалат цените и тоа го направивме во обид да добиеме што повеќе луѓе по пандемијата, но со поскапувањето на струјата, која се зголеми за четири пати и со зголемувањето имаат во суровини, тие беа принудени да ги зголемат цените.
– Секој сопственик кој нуди некои услуги соодветно ја прилагодува наплатата. Има барови на плажа кои наплаќаат лежалки или имаат задолжително минимално трошење, а има многу што не го прават тоа. Од друга страна, туристот, во зависност од парите со кои располага, може да избере во кој локал да седне. На Халкидики има локали од секаков вид – изјави Јанис Куфидис, претседателот на Комората на Халкидики, истакнувајќи дека „секоја година се разговара на оваа тема“.