Во однос на говорењето на странски јазици сме многу далеку зад Летонците, Литванците, Финците, Данците, Швеѓаните, Малтежаните, Словенците, а подобри сме од Бугарите и Романците.
Ако погледнеме статистички податоци од Евростат, кои се однесуваат за претходните години, тие покажуваат дека најголем дел од граѓаните во земјава навеле дека говорат само еден странски јазик. 38 отсто од Македонците, меѓу 25 и 64 годишна возраст, кажале дека имаат познавање на еден странски јазик. Кога станува збор за познавање на два странски јазика оваа бројка опаѓа на 20 отсто, додека само 9 отсто од Македонците имаат познавање од три или повеќе странски јазици. Македонија има полоши резултати од ЕУ во целина, но подобри од неколку држави членки на Унијата.
„Од моето искуство сметам дека луѓето кај нас имаат слух за учење на јазици, но различни фактори се во игра, така што кај некого е пресудна потребата, кај други талентот или желбата. Но, во денешно време добро е да се знаат барем два странски јазика, затоа што отвораат врати за вработување за луѓето, како и други можности, а воедно познавањето на јазикот секако ќе им се најде кога ќе одат на патување“, вели професорка по грчки јазик.
„Младите користат таблети, телефони, и нив лесно им оди со англискиот јазик, но за сметка на тоа го запоставуваат македонскиот јазик. Постарите послабо говорат странски јазици. Најголем дел од оние кои учат јазик поради потреба, се фокусирани на германскиот јазик, затоа што сакаат да заминат во Германија“, додаваат од „Смарт хед“.
Од училиштето за странски јазици „Темза“ од Прилеп велат дека младите кај нас обично говорат англиски јазик, но не е на одмет да се познава и друг јазик.
„Простор за подобрување на тоа поле секако дека има. Граѓаните најчесто учат англиски и германски јазик. Ретко кој учи јазик само за да го пополни слободното време, туку го учат оној јазик од кој ќе имаат практична примена и кој ќе им треба за работа“, додаваат од „Темза“.