Во Галичник, на падините на планината Бистра, на 15, 16 и 17 јули ќе грмнат тапаните и ќе се вие „невестинското оро“ на 48. „Галичка свадба".
– Имам галичко потекло по мајка и по татко. Двете мои баби се родени во Галичник, едната баба е Чалоска, а другата е Веноска. Од таму потекнува мојата желба да бидам галички зет, со оглед на тоа што секоја година во летно време сум таму и мислам дека немам пропуштено ниту една галичка свадба. Последниве десет години се облекувам во таа носија и сум активен учесник, така што немам никаков проблем околу адетите. Премногу сум горд и среќен што годинава со идната сопруга Елена сме зет и невеста за „Галичката свадба“ – рече младоженецот Илчо Димитров.
Интересот за учество на манифестацијата меѓу младите е сè поголем и оваа година Советот на месната заедница Галичник имаше неблагодарна задача и голем предизвик да избере една од вкупно пет официјално пријавени двојки.
Годинешната „Галичка свадба“ ќе може да се следи директно на социјалните мрежи, па така голем број луѓе ќе ги следат во живот свадбарски обичаи: од канењето на кумот, бричењето на зетот, венчавањето во црква, строевањето на невестата кога таа, во невестинска облека, се качува на коњ, па сè до испраќањето на тапаните. Свадбените активности, пак, традиционално ќе почнат в сабота, 16 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени свадбарските ритуали – „пречек на топаните“, свекрвата ќе го одигра „свекрвиното оро“, а членовите на „Фолклорни бисери“ од Скопје ќе го одиграат орото „тешкото“. Исто така, на платото пред опеаната чешма Упија ќе бидат одиграни „невестинското“, „манукот“ и други ора.
Венчавањето на младенците е в недела, 17 јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши в недела со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
извор: novamakedonija.com.mk