Во 2019 година, меѓународниот „Earthwatch Institute“ на состанок на лондонското друштво „Royal Geographical Society“ ги прогласи пчелите за најважни суштества на планетата Земја.
Научникот Алберт Ајнштајн своевремено изјавил:
„Ако пчелите исчезнат од планетата Земја, човекот како вид има околу 4 години живот. Без пчели нема опрашување, нема да има овошје, храна, дури ни луѓе“.
Пчелите во екосистемот ја имаат веројатно една од најважните улоги. Освен што произведуваат мед, исто така придонесуваат во екосистемот на начин што ги опрашуваат растенијата, а сите добро знаеме дека без тоа не би постоеле плодови, па така ниту храна за луѓето и животните. Дури една третина од храната која секојдневно ја јадеме зависи од работата на пчелите.
Се претпоставува дека живеат на Земјата околу 110 милиони години
Древните народи длабоко ја сфаќале улогата на пчелите во природата. Споменувањето на пчелите датира уште од дамнешни времиња на неолитот, кога нашите предци на ѕидовите од пештерите покрај животни, цртале и пчели. Американските Индијанци уште пред 6 илјади години го користеле медот како лек и јадење. Ист е случајот и кај фараоните и римските владетели на чии гробници се резбале и цртале пчели.
Овој мал, посветен инсект со исклучителна интелигенција го почитувале многу народи и веројатно оттаму потекнува и познатата изрека дека „пчелите умираат, а не угинуваат“. Се претпоставува дека тие живеат на планетата Земја околу 110 милиони години, а денес распознаваме околу 20.000 видови.
Совршено функционираат во заедница
Покрај тоа што играат улога на главен опрашувач, пчелите можат да се наречат и „чудо на природата“, а нивниот начин на живот и интелигенција е за восхит. Добитникот на Нобелова награда, Карл Вон Фриш, открил дека пчелите поседуваат меморија за времето и просторот и таа способност ја користат при изградба на колонии. Притоа е важно да се нагласи дека при изградбата на колониите, производството на мед или кои било други активности, заедницата на пчели совршено функционира како една целина. Нема несогласувања ниту кавги. Пример за совршено семејство.
Знаат да бројат до 4
Едно истражување спроведено на Универзитетот во Квинсленд открило дека пчелите знаат да бројат до 4.
Истражувачите поставиле 5 маркери во внатрешноста на тунел и ставиле нектар во еден од нив. Пчелите летале кон маркерот со храната и продолжиле да летаат кон истото место и кога храната била отстранета.
„Откривме дека ако се истренирани да летаат до третиот маркер, тие ќе продолжат да бараат нектар на третиот маркер“, вели истражувачот Мандјам Сринивасан. „Но, сепак нивната способност на броење е само до 4, не и повеќе од тоа“, додал тој.
Научникот истакнал дека сè повеќе се изненадени од способностите на овие суштества кои имаат мозок со големина на сусам.
Важат за подобри трагачи и од кучињата
Кога летаат во темница, пчелите се во можност да ја локализираат точната дестинација на цвеќињата, нектарот, поленот и сите останати важни информации. При таа задача се клучни двете антени на нивното тело кои содржат 3.000 сензори. Во дивината разликуваат околу 130 различни мириси, а нивната прецизност е извонредна. На пример, куче трагач поседува прецизност за погодување на мирис од 71 отсто, за што му се потребни околу 3 месеци тренинг, додека пчелата поседува точност од 98 отсто по само 10 минути дресура и без оглед на мирисите кои „сметаат“ во близина како моторно масло, лосиони за тело итн. Затоа се размислува и за примена на пчелите во откривање на наркотици или експлозиви.
Нивните производи лекуваат бројни здравствени состојби
Таткото на медицината, Хипократ, сметал дека медот, воздухот и водата се лек за сите човечки тегоби. Од времето во кое живеел се јавуваат првите пишани траги за примената на пчелините производи и нивниот отров во медицински цели. Денес тој начин на лекување се нарекува апитерапија.
Апитерапијата користи пчелини производи како полен, пчелин восок, мед и пчелин отров со цел лекување на одредени болести. Ваквиот начин на лекување се покажал успешен при лекување кашлица, предменструален синдром, херпес, висок холестерол и настинка, а се верува дека е успешен и при лекување остеоартритис, алергии и мултиплекс склероза. Воочено е дека медот и останатите производи од пчелите, особено прополисот, се успешни во борба против вирусите и бактериите.
Една сродна гранка на апитерапијата се нарекува апипунктура и се користи во Кина, а и во светот веќе илјадници години. Во апипунктурата се користи пчелин отров, со убод од игла или убод од пчела. Познато е дека некои историски личности биле третирани и лекувани со ваквата метода како Карло Велики, Иван Грозни, Мао Це Тунг и Леонид Брежњев.