Платформата Меtа објави дека работи на преуредување на главниот извор на вести (feed) во својата Facebook апликација за да му даде приоритет на „откривањето“ на нови содржини, наместо на објавите од профилите што ги следат корисниците.
Станува збор за обид за стилизирање на апликацијата Facebook по конкурентот за кратко видео TikTok, пишува Ројтерс.
Во последниве месеци, директорите на Меtа се фокусираа на производот Reels на Facebook, кој е сличен на форматот на кратко видео на TikTok кој привлече многу помлади корисници.
„Дома“, главната лента за вести/постови на Facebook што корисниците ќе ја видат кога ќе ја отворат апликацијата, ќе прикажува повеќе популарни објави од профили што корисниците не ги следат, вклучително и Reels и Stories, сподели Меtа.
Fаcebook на своите корисници ќе им предлага објави врз основа на специјални алгоритми кои користат вештачка интелигенција.
Новото посебно јазиче наречено Feeds е во контраст со стариот пристап, кој претежно содржи објави од пријатели, страници и групи кои корисниците активно ги следат.
Објавите во тој таб ќе бидат прикажани хронолошки, без персонализирано рангирање, рече извршниот директор Марк Закерберг во објава на мрежата.
Од Meta додаваат дека Feeds нема да содржи предложени објави, но сепак ќе има реклами.
Најголемата светска компанија за социјални медиуми во последниве месеци се фокусираше на создавање алгоритми кои можат да сугерираат персонализирана содржина на корисниците, што е голема промена од нејзиниот план за 2018 година да прикажува повеќе објави од пријателите и семејството.